Поранешната директорка на скопската Клиника за Гинекологија ја демантира сегашната директорка Викторија Јовановска, која во отворено писмо до неа тврдеше дека Хаџи-Лега има направено плагијат на својот научен труд. Нејзината реакција ви ја пренесуваме во целост:
На Вашиот веб портал објавено е писмо од “Дисциплинската Комисија” на УК за Гинекологија и Акушерство и Директорката на Универзитетската Клиника Асс. Др.Викторија Јовановска, до мене лично, со кое дрско се нарушува мојот дигнитет како личност и професионалец. Молам на истото место да се објави овaa мојa реакција како одговор за навредите кон мене и мојата личност.
Наместо како одговор на моето барање, затоа што ми е повредена честа и достоинството, в.д директорката на Универзитетската клиника за Гинекологија асс.д-р Викторија Јовановска да ми се извини за упатените навреди и обвинувања во јавноста, со последното писмо објавено во електронските медиуми, тотално се наруши академскиот стил на комуникација и се повреди и Хипократовата заклетва со која ние лекарите сме се заколнале дека колегите ќе ни бидат браќа.
Моето писмо беше упатено лично до д-р Јовановска, не до Клиниката во целина каде и јас припаѓам и не до било која друга личност затоа што немав причина за тоа. Јас бев навредена јавно од директорката на Клиниката која се обиде преку медиумите да ја манипулира јавноста со моја наводна нестручност и злоупотреба.
Но на мое големо изненадување, наместо д-р Јовановска, добивам колективен одговор од Дисциплинската комисија на Клиниката заедно со неа, во кој наместо извинување се прошируваат обвинувањата на моја адреса кои одат дури до таму што се задира и мојот докторски труд. Ако дошло до таму, наместо службите надлежни за тоа, да се повикува јавноста да ги оценува моите стручни квалитети тогаш јас јавно ја прашувам и директорката и Дисциплинската комисија да ми одговорат во кое својство тие велат:„Сметаме дека со ова Отворено писмо, д-р Марија Хаџи-Лега врши класично мамење на јавноста, намерно или ненамерно заради нејзина стручна инсуфициентност и незнаење”.
Од кога тоа дисциплинската комисија станува верификатор на нечија диплома, докторат и меѓународни признанија за стручност.
Со тоа дисциплинската комисија на Клиниката се постави над Универзитетот и во улога на експерт. За моите професионални квалитети сведочат моите резултати кои биле оценувани во текот на целокупната моја едукација од средношколските денови па се до докторатот. Реномирани и еминентни професори со највисока оцена го оцениле моето стручно образование и мојата спремност за моето стекнато теоретско и практично образование.
Уште пострашна е мојата квалификација во плагијатор што е многу сериозна клевета и произволна констатација од страна на апсолутно некомпетентна личност пред се кон мене, а и кон Универзитетот во Ниш (кој впрочем е на листата на првите 500 универзитети на Шангајската листа) на кој беше одбранета мојата докторска дисертација која е оригинален научен труд и од која се објавени бројни публикации и тоа потенцирам во списанија со импакт фактор (кои се и услов да се пристапи кон одбрана) а кои македонската јавност може слободно да ги најде на интернет пребарувачите. А, впрочем како резултат на изработката на мојата докторска дисертација од областа на предвремено породување произлегоа покани на бројни светски и европски конгреси со кое што малкумина може да се пофалат. Исто како и научно истражувачките проекти, кои за жал денес се запрени од страна на раководството на УК ГАК како и моите 4 распоредувања за 6 месеци на тотално несоодветни работни места (иако сум доцент и субспецијалист во областа на Перинатологијата).
Како потврда на горе изнесеното, во ова мое изнудено обраќање кон јавноста, доставувам и мал дел од моите научни публикации од резултатите на мојата докторска дисертација во интернационални индексирани списанија со импакт фактор , на кои сум посебно горда:
1.Interleukin 6 and fetal fibronectin as a predictors of preterm delivery in symptomatic patients
Hadzi Lega M, Daneva Markova A, Stefanovic M, Tanturovski M.
Bosnian Journal of Basic Medical Sciences, Jan 2015. ISSN 1840-4812
http://www.bjbms.org/ojs/index.php/bjbms/article/view/93/118
2.Correlation of cervical length, fetal fibronectin, phIGFBP-1, and cytokines in spontaneous preterm birth up to 14 days from sampling.
Hadzi Lega M, Daneva Markova A, Stefanovic M, Tanturovski M,
Journal of Perinatal Medicine. ISSN (Online) 1619-3997, ISSN, December 2014
https://www.degruyter.com/view/j/jpme.2015.43.issue-5/jpm-2014-0275/jpm-2014-0275.xml
3.Combination of selected biochemical markers and cervical length in the prediction of impending preterm delivery in symptomatic patients
- Hadzi Lega, A. Daneva Markova, M. Stefanovic, M. Tanturovski
Clinical and Experimental obstetrics & Gynecology, Vol XLIII no 1, 2016 ISSN 0390-6663, 7847050 Canada Inc
4.Comparison of PAMG-1 and phlIGFBP-1 tests for the prediction of preterm delivery in patients with preterm labor
- Hadzi-Lega1*, J. T. Maier2, H. Helmer3, L. Hellmeyer2, A. Daneva1, A. Poposka4
1 Department of Obstetrics and Gynecology, State University Hospital of Skopje, Skopje, Republic of Macedonia; 2 Department of Obstetrics and Gynecology, Vivantes Klinikum im Friedrichshain, Berlin, Germany; 3 Division of Obstetrics and Maternal-Fetal Medicine, Medical University Vienna, Vienna, Austria; 4 Department of Orthopedics, State University Hospital of Skopje, Skopje, Republic of Macedonia
Open Journal of Obstetrics and Gynecology, 2017, 7, 358-368
Затоа потенцирам, дали мојот докторат е плагијат може да се произнесе само Универзитетот во Ниш, а не дотичната Дисциплинска комисија или в.д. Директорката.
Во прилог е и проверката за плагијатизам која е дел од публицирањето на докторскиот труд во кој јасно стои дека 99 проценти е оригинален научен труд. Документот е 119 страни и ќе се потрудам, набрзо можно, да биде јавно хостиран на интернет.
Во поглед на неточното толкување на Водичот за примена на методата (chromosomal microarray) од Америчкото Здружение на Гинеколози и акушери како и другите водичи базирани на медицина базирана на докази: Очигледно се работи за неразбирање и апсолутно непознавање на проблематиката и секако потреба од експертиза од субспецијалисти перинатолози и генетичари (а за што актуелната директорка нема квалификации). Убаво би било истата да се обрати до Интернационалното здружение за пренатална дијагностика за да може да сопре со нестручни квалификации. Или пак, можеби на Универзитетската Клиника која е здравствена установа од терцијарно ниво, ќе практицираме медицина од 20 ти век иако како таква установа согласно статутот треба да се воведуваат нови методи и истите да се валидизираат а се со цел подобрување на квалитетот на здравствената заштита на мајката и детето.
Тие си дозволуваат, на јавноста да и соопштуваат дека методата е застарена и не е призната од американскиот протокол. Во случајов стручната литература не го подржува нивното мислење затоа што тие погрешно го толкуваат протоколот. Со тоа не само злонамерност, тие покажаа тотално непознавање на современиот тренд на светската пеoринатологија која не сум ја измислила јас. За ваше информирање ќе ги цитирам протоколите за примена на оваа метода – Guideline of American College of Gynecologysts and Obstetricians, Guideline of Royal College of Obstetricians and Gynecologysts, Society of Maternal Fetal medicine, Italian Society of Perinatal Medicine итн.
Што се однесува до извршените царските резови (sectio caesarea) напоменувам дека во текот на моите 18 години професионално работење како специјалист и субспецијалист сум извршила безброј царски резови и сите без компликации за што впрочем сведочат сите пациентки кои биле третирани лично од моја страна.
И на крај би сакала да потенцирам дека жално е ваквата комуникација меѓу двајца колеги од кои едниот сегашен и едниот претходен директор и тоа на Универзитетска Клиника да се одвива на еден ваков начин,а се со тенденција рушење на мојот углед и навистина понижувачка квалификација за која уште еднаш барам јавно извинување.