И покрај тоа што ситуацијата околу Украина е крајно напната, рускиот претседател, Владимир Путин не е наивен да врши офанзива, но ќе го добие тоа што му треба.
Ако мислиме на класичен напад инвазија со масовни сили, тогаш не паничете, мислам дека тоа нема да се случи, анализира за Фокус Методи Хаџи-Јанев, вонреден професор по меѓународно право при Воена академија „Генерал Михајло Апостолски“ – Скопје додека светот го очекува следниот чекор на Русија којашто ги започна воените вежби во близина на Украина во кои учествуваат илјадници војници и десетици воени авиони.
Според професорот, причина за тоа Русија да не врши офанзива не е тоа што нема капацитет, туку тоа што цената е преголема и неисплатлива.
-Дополнително, во време на конфликт од таков размер „мајка на сите промашувања и замки е претпоставката“ дека е надмоќен и дека со „блиц крик“ ќе го добие тоа што го сака. Историски, големи офанзиви, пропаѓале или за ситници, или за преголема амбиција, или пак, заради смена на останати геостратешки фактори кои не се земаат како примат во матрицата на калкулации во пресметката на ризик. Напротив. Во неколку натписи и изјави споменав како на суптилен начин, под радар на класичното разбирање на употреба на сила и праг за војна, Путин ќе го добие тоа што му треба, вели Хаџи-Јанев.
Професорот ги набројува трите работи кои се важни за Путин да го добие тоа што му треба особено што тој многу добро ја знае внатрешната состојбата во Украина.
-Таа воопшто не е сјајна. Тој целата стратегија ја гради врз подривање на единството и сомнежот во системот во Украина. Тоа му оди доста добро заради составот на населението, огромната корупција и секако махерски вешто развиената кампања на користење на прокси или цивилни сегменти за стратешки цели кои вршат странични постојани суптилни напади,вели тој.
Втората работа е тоа што Путин е заинтересен за дел од Украина, а не за цела Украина.
-Овде веќе има своја инсталација, која внимавајте е доста добро поддржана. Уште повеќе, преседаните кои добронамерно или не, Либералната мудрост ги направи околу растегливоста на правото да се употреби сила во изминатите 30 години во рамки на борбата за човекови права (како хуманитарната интервенција-Косово, Должноста да се заштити-Либија и сл.) му овзможуваат на Путин во светот кој значително е против Западната либерална демократија да ги оправда своите матни напори, објаснува Хаџи-Јанев.
Третата причина, според професорот е распоредувањето на сили во Белорусија за да анулира евентуално изненадување кое би го попречило зграпчувањето на територијата на Украина под радар на масовна употреба на сила.
– Путин одамна ја напиша домашната додека Европа спиеше. За него географијата значи многу. Уште пред речиси месец дена реков дека многу бргу ќе се распореди во Белорусија, и тоа го направи. Дополнително, во евентуалниот северен фронт силите за одвраќање (внимавајте не кои би влегле во офанзива, туку во дефанзива да го одбранат главниот напор за заземање на деловите од источна Украина под радар со прокси силите кои веќе се во конфликт) му се покриени, додава Хаџи-Јанев.
Не помалку важно за професорот е тоа што Путин веќе има диверзанти кои роварат во Украина, а дополнува и дека има „спијачи“ во самите безбедносни структури на Украина.
На крајот тој објаснува дека во ваква ситуација на Западот му останува да интервенира или да ја поддржи украинската влада да си ги врати привремено заземените територии од страна на бунтовниците на истокот.
-Ако има план за тоа тогаш Путин ќе мора да менува нешто. Сличен излет, иако ситуацијата е малку поинаква имаше Грузија кога за пет дена загуби речиси пола од капацитетите-им беше уништена скоро половина од армијата, вели Хаџи-Јанев.
Тој се надева дека ќе преовлада разумот и ќе се најде решение иако сепак најголеми губитници ќе бидат украинскиот и рускиот народ, а може и да има каскадни ефекти во други региони каде има трусно подрачје.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Москва со загриженост следи како САД ги зголемуваат тензиите и оти за понатамошните разговори меѓу двете земји ќе се знае откако Русија ќе добие одговор од САД за безбедносните гаранции.
Според Песков, тоа што САД ставија 8.500 војници во готовност за префрлување во Европа не влијае на текот на преговорите.
Сојузниците од НАТО вчера ја ставија својата армија во состојба на готовност и ќе испратат дополнителни бродови и борбени авиони во нивните бази во Источна Европа, зајакнувајќи ги силите и одбраната, во време, како што истакна НАТО, „кога Русија продолжува да распоредува војници во близина на украинската граница“.
Фросина Факова-Серафиновиќ