Хаџи-Јанев за „Фокус“: Конфликтот во Газа ја релаксира Русија и го трга вниманието од Кина и Африка

by fokus

Додека се бројат жртвите од конфликтот во Газа и се анализира дали може да се најде решение се поставува и прашањето каква е улогата на големите сили во овој конфликт.

Професорот по меѓународно право при Воена академија „Генерал Михајло Апостолски“ – Скопје, Методи Хаџи – Јанев за „Фокус“ анализираше дека овој конфликт е заглавен во неупехот да се најде решение за спорот или разидувањето околу тоа кој треба да управува со територијата и на кој начин.

Засега тој не очекува мирна разврска, односно некое дипломатско решение и смета дека двете страни ќе одат на се или ништо.

Но, истовремено вели, ова е опасен конфликт кој ја релаксира Русија, но и го трга вниманието од Кина и Африка.

-Русија се покажа дека има проблем со муницијата, кој го реши со договорот со Северна Кореја, со што си купи уште цела година, додека западна Европа мака мачи да испорача барем она што и го вети на Украина. Тоа само по себе е сериозен проблем бидејќи праќа сигнал дека Европа не е спремна барем засега да влезе во, не дај боже, поголем конфликт со Русија.

Кина, од друга страна, која се соочува со економски проблеми што може значително да ја поткопаат стратегијата за пиететен раст, работи на јакнење на капацитетите преку будно следење на развојот на настаните. Следи како во пракса реагира САД, следи колкави се можностите и со кои методи САД содејствува со сојузниците и како резултат на тоа се „апдејтира““, објаснува Хаџи-Јанев.

Па така, како што објаснува професорот, тоа може да биде лошо за тој регион, но и за САД бидејќи ќе бара приоритети во испораката на поддршка на партнерите, Израел и Јужна Кореја, заедно со Европа.

-На долги стази е опасно бидејќи од изборите во САД многу нешта ќе бидат малку почисти, ама и потенцијално опасни за дел од сојузниците, пред се мислам на европските сојузници во целина, не билатерално (на пример приоритет е Полска и Блатикот). Конечно, Африка е сериозен верижен проблем за Европа, конкретно за старите играчи во Европа. Но, таа е опасна и заради можноста Кина и Русија со многу малку напори да предизвикаат ефекти со кои може да се влијае на конфликтот на Блискиот Исток и во Европа на домашен план, преку прокси актери и групи, додава тој.

Сето ова, нам, односно Македонија, не не засега директно, но индиректно, како што порачува професорот, ќе трпи економијата, внатрешните и регионалните проблеми кои се менаџираат, може да го загубат приоритетот и фокусот, а „ќелиите“ кои се заспани, може да пламнат.

-Иако овие ќелии не го гледаат регионот како цел не е исклучено да се смени и таа перспектива, порачува ХАџи-Јанев.

Конфликтот во Газа се разгоре повторно на почетокот на октомври кога Хамас изврши ракетен напад над Израел. Тогаш имаше стотици загинати и заложници, за потоа Израел да возврати со жестоки напади , па сега само во Израел има над 9.000 загинати.

Ф.Ф.С.

Хаџи-Јанев за „Фокус“: Конфликтот во Газа нема да има мирна разврска, целта на двете страни е се или ништо!

Поврзани новости