Гвардиола: Златна топка? Па, за тоа одлучуваат новинарите, а не елитата

by Fokus

Тема на неделата стана резултат на изборот за Златна топка. Но, не се зборува ниту пишува кој го добил, кој е Родри, туку кој не, што е очекувано и најавувано со недели – Винисиус Жуниор.

Неочекуваниот расплет го предизвика бесот на Реал. Тоа што најпрестижната индивидуална фудбалска награда не ја освоија тие, туку играч на Манчестер Сити, беше причина никој од актуелниот шампион на Шпанија и Европа и најголемиот клуб во светот да не присуствува на гала вечерата во Париз каде се доделува наградата.

На Реал воопшто не му беше мило што на таа церемонија беше прогласен Карло Анчелоти за тренер на сезоната или што Килијан Мбапе требаше да го добие и подели трофејот Герд Милер со Хари Кејн за играчот кој постигна најмногу голови (52) минатата сезона.

До душа, тоа го постигна како играч на ПСЖ, но сега ги бојкотираше наградите бидејќи е играч на Реал. На Реал ништо не му значеше што неговите играчи ги освоија второто (Винисиус), третото (Белингем) и четвртото (Карвахал) во изборот за Златна топка или најдобар фудбалер минатата сезона.

Винисиус беше особено повреден поради тоа што ја пропушти очекуваната Златна топка. Бразилецот се подготви да ги однесе семејството и пријателите во Париз, на соиграчите им купи ролекси во знак на благодарност, а изнајми париски хотел за да ја прослави Златната топка. Но, тогаш доби порака дека не ја освоил Златната топка.

Пеп Гвардиола го коментираше бојкотот на Реал на церемонијата и резултатот од изборот на Златната топка:

„Реал не дојде на церемонијата? Ако сакаат да дојдат, добро. Ако не сакаат, тоа е исто така во ред. Ако сакаат да му честитаат на победникот, во ред, ако не, не мораат, и тоа е во ред, ние сме Манчестер Сити и не сме тука да им судиме на другите клубови што да се направи или не“.

Тренерот на добитникот на Златната топка вака одговори на следното новинарско прашање:

„Дали Винисиус требаше да ја добие Златната топка? Можеби, но се случи тоа што се случи. Новинарите, а не елитните луѓе одлучуваат за наградата. И новинари од сите страни на светот, кои имаат различни мислења“.

Поврзани новости