Гувернерот на државата Њујорк, Ендру Куомо ги критикуваше барањата за предвремено отворање на неговата држава и рече дека знае дека луѓето се без работа, но потребно е подобро разбирање на коронавирусот за да се ублажат мерките.
Додека гувернерите на околу половина од САД планираат да ги олеснат ограничувањата овој викенд, Кумо посочува дека се потребни повеќе информации за пандемијата во Њујорк – најтешко погодената држава – пред да се ублажат мерките.
-Кога сте во неиспитани води, не одите на слепо. Користете ги информациите за да ја утврдите акцијата – не емоциите, не политиката, не она што луѓето мислат или чувствуваат, туку она што го знаеме засновано врз факти, додаде Куомо.
Џорџија и Тексас се најдалеку во однос на олабавувањето на ограничувањата.
Гувернерите на овие две и уште неколку други држави каде што коронавирусот е под контрола се под притисок на населението за да и се овозможи на економијата да започне.
Според владините бројки објавени оваа недела, 30 милиони Американци се без работа од 21 март.
Куомо истакна дека 900 луѓе сè уште се хоспитализираат секој ден во Њујорк и дека властите не го знаат изворот на тие инфекции.
Овие, тврди Куомо, се доволни причини државата Њујорк да остане затворена.
Куомо ги претстави прелиминарните резултати од тестирањето на антитела во кои учествувале 15.000 луѓе во Њујорк, покажувајќи дека 12,3 проценти од тестираните биле заразени со коронавирус.
Овие резултати ја потврдуваат претходната студија, објавена пред околу десетина дена, спроведена на помал примерок, покажувајќи дека еден од пет жители на Њујорк има коронавирус, при што Бронкс (27,6 проценти) има најголем дел од заразената популација.
Коронавирусот е потврден кај повеќе од 1,1 милиони Американци, со над 65.000 смртни случаи.
Вчера се регистрирани 34.000 нови заразени во Соединетите држави, што претставува најголем дневен пораст од 24 април.