Клучно е здравствената корона-криза, во глобални рамки да стивне до средината на годината, за потоа да се олабават мерките за заштита на здравјето и економијата постепено да се враќа во нормала. Мошне е важно шокот предизвикан од појавата на корона вирусот да трае што пократко за да нема поголеми негативни ефекти врз билансите и на фирмите и на финансискиот сектор. Веќе следната година, според проекциите на ММФ се очекува забрзан раст на глобалната економија од околу 5,7 проценти, како и забрзување и опоравување и на македонската економија.
Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за Гласот на Америка, по повод учеството на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, коишто годинава се одржуваат електронски, соопшти Народната банка.
– Шокот од пандемијата, годинава ќе се одрази со пад на активноста на сите економии. Но притоа, според очекувањата на ММФ, кај економиите во развој и брзорастечките економии меѓу коишто е и нашата, падот ќе биде помал во споредба со оној кај развиените економии, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Во интервјуто, гувернерката се осврнала и на добиената финансиска поддршка од ММФ, преку Инструментот за брзо финансирање, при што кажа дека таа ќе придонесе и за зголемување на девизните резерви.
-Добиената финансиска поддршка од ММФ претставува и потврда за здравоста на фундаментите на нашата економија. Таа е и помошна алатка за добивање други типови финансиска помош, вклучително и преку инструменти на Европската Унија, посочи гувернерката.
Ангеловска-Бежоска посочи дека граѓаните треба да бидат спокојни и дека не треба да постои никаква загриженост за домашната валута.
-Како што со години наназад е стабилен, така и отсега натаму, денарот ќе биде стабилен. Потврда за тоа се и инструментите коишто централната банка ги има на располагање доколку е потребно да се употребат во функција на задржување на стабилноста на денарот. Еден од клучните инструменти, секако е високото ниво на девизните резерви од околу три милијарди евра, што и самото по себе е гаранција за стабилноста на домашната валута, рече гувернерката Ангеловска-Бежоска.