Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска ги посети регионите погодени од поплавите во јужен Пакистан, каде властите се борат да спасат десетици илјади луѓе раселени од поплавите.
„Незамисливо“, се слуша како вели Гутереш на видеото од неговиот лет над провинциите Белуџистан и Синд заедно со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, пренесе ДПА.
Шефот на ОН беше информиран за влијанието на поплавите и ја повика меѓународната заедница да даде огромна финансиска поддршка.
Гутереш рече дека Пакистан е една од 15-те жаришта на климатските промени и го повика светот да обезбеди „масовна поддршка“ за да може земјата да избегне уште една таква катастрофа.
Тој рече дека она што ОН го прават во Пакистан „е капка во океанот од она што е потребно“.
-Пакистан и другите земји во развој плаќаат ужасна цена за непопустливоста на големите емитери кои продолжуваат да се обложуваат на фосилни горива. Од Исламабад, објавувам глобален апел: Стоп за лудилото. Инвестирајте во обновлива енергија сега. Прекинете ја војната против природата, напиша Гутереш на Твитер.
Шефот на ОН е во дводневна посета на земјата со цел да се подигне свеста за катастрофата.
Во невидените поплави кои беа предизвикани од обилните монсунски дождови во јуни досега загинаа 1.396 луѓе, од кои една третина беа деца, а поплавија област поголема од големината на Велика Британија.