Гутереш: Руската инвазија предизвика „најбрзо принудно движење на населението од Втората светска војна“

by Fokus

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска на седницата на Советот за безбедност предупреди дека руската инвазија на Украина е еден од најголемите предизвици за меѓународниот поредок, и поради неговата природа и поради интензитетот и последиците.

Тој нагласи дека никогаш нема да ги заборави сликите на загинатите цивили во Буча и изјави дека е шокиран од доказите што се појавија за други воени злосторства кои наводно ги извршила Русија, пренесува Би-Би-Си.

-Ова не е време за протекционизам, рече Гутереш на седницата на Советот за безбедност на ОН за Украина.

Гутереш рече и дека војната сè повеќе влијае на земјите во развој, веќе погодени од последиците од пандемијата на Ковид – 19, бидејќи повеќе од 1,2 милијарди луѓе се особено загрозени поради поскапувањето на храната, енергијата и ѓубривата.

-Веќе гледаме дека некои земји преминуваат од состојба на загрозеност во криза, а исто така гледам знаци на сериозни социјални немири, додаде Гутереш.

Од таа причина, како што наведе, од ден на ден „се поитно е да прекине оружјето во Украина“.

-Моја должност е да го свртам вниманието на Советот на сериозната штета што се нанесува на глобалната економија и особено на ранливите групи и земјите во развој, рече Гутереш.

Тој додаде дека руската офанзива предизвика раселување на повеќе од 10 милиони луѓе, што го оцени како „најбрзо принудно движење на населението од Втората светска војна“.

Гутереш потсети дека високата комесарка на ОН за човекови права Мишел Башелет зборувала за „можни воени злосторства, тешки прекршувања на меѓународното хуманитарно право и кршење на човековите права“.

Поврзани новости