По повод 29-годишнината од геноцидот во Сребреница, но и првата откако Генералното собрание на ОН ја усвои Резолуцијата, генералниот секретар на ова тело – Антонио Гутереш испрати порака:
„Пред 29 години Обединетите нации и светот го потфрлија народот на Сребреница. Повеќе од 8.000 босански муслимани беа систематски убиени и нивните останки закопани во масовни гробници. Тоа беше најголемото злосторство во Европа од Втората светска војна.
Денеска го почитуваме споменот на жртвите и се солидаризираме со преживеаните.
Ја потврдуваме и нашата поддршка за семејствата на загинатите во нивната неуморна потрага по вистината и правдата. Мора да се бориме против негирањето и ревизионизмот и да продолжиме со напорите да се идентификува секоја жртва и да се изведе секој сторител пред лицето на правдата.
И ние ветуваме дека ќе продолжиме да учиме од оваа неискажлива трагедија и да ги пренесуваме приказните и лекциите од Сребреница.
Геноцидот во Сребреница е шокантно сведоштво за погубните последици од неактивноста наспроти омразата. Мора да се бориме против поделеноста и нетолеранцијата, да ги браниме човековите права и да негуваме меѓусебно разбирање и помирување.
Нека споменот на Сребреница ја зајакне нашата решеност да изградиме свет ослободен од злото на геноцидот – свет во кој владее правдата и мирот, во кој возвишеното ветување „никогаш повеќе“ е исполнето за целото човештво“.