Гутереш: Правата на жените не се луксуз што може да чека

by Fokus

Антонио Гутереш – генералниот секретар на Обединетите нации изјави дека правата на жените не се луксуз што може да чека додека не се решат кризите во светот.

Тој изјави дека на секои десет минути жена или девојка е убиена од член на семејството или од партнерот, и дека на секои две минути жена умира за време на бременост или породување.

„Мораме да ги смениме овие ужасни трендови и да се залагаме за животите и правата на жените и девојките, насекаде. Ова е еден од моите врвни приоритети и столб на работата на Обединетите нации ширум светот. Од Јужен Судан до Мјанмар, ги поддржуваме жените и девојчињата во криза со тоа што ќе се погрижиме нивниот глас да биде слушнат во мировните процеси“, напиша Гутереш.

Тој оцени и дека денешните кризи, кои следат една по друга, од војната во Украина до климатската вонредна состојба, прво и најтешко ги погодуваат жените и девојчињата.

„Во светлината на глобалните предизвици за демократијата, правата на жените над нивните тела и правото да донесуваат независни одлуки за сопствениот живот се доведуваат во прашање и негираат“ вели Гутереш.

Тој нагласи дека дури и најбогатите земји се во загуба поради родовите стереотипи и историската пристрасност.

„Потребна ни е акција на повеќе фронтови за да се осигураме дека жените и девојките можат да го дадат својот целосен придонес во глобалното знаење преку науката и технологијата. Мора да ги срушиме бариерите – од дискриминаторски податоци до стереотипи кои ги одвраќаат девојчињата да студираат природни науки на рана возраст. Правата на жените не се луксуз што може да чека додека не ја решиме климатската криза, да ставиме крај на сиромаштијата и да создадеме подобар свет“ – рече Гутереш.

Поврзани новости