Во изјавата по повод претстојната климатска конференција на ОН (COP27), генералниот секретар на Светската организација Антонио Гутереш денеска го повика светот да дејствува за да се спречат климатските катастрофи и да се спаси човекот вид.
– За нас тоа е прашање на живот или смрт, за нашата безбедност денес и нашиот опстанок утре, рече Гутереш во изјавата за новинарите во седиштето на ОН во Њујорк.
Изјавата ја даде по повод отворањето на подготвителниот состанок во Киншаса, Демократска Република Конго, за годишната конференција за климата (COP27) што ќе се одржи во Египет во ноември.
Гутереш потсети дека од ова лето влијанијата од климата ширум светот се огромни.
– Третина од Пакистан беше поплавена. Летото во Европа беше најжешкото во последните 500 години. Филипините беа погодени. Цела Куба беше во мрак. И овде во САД, ураганот Јан беше брутален потсетник дека ниту една земја, ниту една економија не е поштедена од климатската криза, рече шефот на ОН.
Тој повика на акција на конференцијата COP27, наведувајќи дека тоа е „морален императив“.
Во текот на два дена, подготвителниот состанок за годишниот климатски состанок пред COP27 во главниот град на Демократска Република Конго обединува министри за животна средина и експерти од околу 60 земји.
Состанокот треба да утврди каде може да се постигне напредок и каде може да се очекуваат блокади за време на состанокот COP27 за климатските промени, планиран за 6-18 ноември во Шарм ел Шеик.
ФОТО: Томислав Георгиев