Гутереш ги повика Русија и Украина под итно да го обноват договорот за житарките

by Fokus

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги повика Русија и Украина да го обноват договорот, според кој од Украина беа извезени над осум милиони тони жито и се намалија глобалните цени на храната.

Гутереш, исто така, ги повика другите земји, главно западните, да го забрзаат отстранувањето на пречките што го блокираат рускиот извоз на житарки и ѓубрива, пренесоа француските медиуми.

Портпаролот на генералниот секретар на ОН вчера кажа дека Гутереш ја истакнал итноста од обновување на договорот за „придонес кон безбедноста на храната низ целиот свет“.

Договорот меѓу Украина и Русија, главните добавувачи на жито во светот, беше склучен во јули со посредство на ОН и Турција и истекува на 19 ноември.

Рускиот амбасадор во ОН во средата изјави дека пред Москва евентуално да се согласи со обнова на договорот, на Русија треба да и се дозволи да ги извезува своите жито и ѓубрива на светскиот пазар, „што никогаш не се случило од почетокот на договорот“. Тој додаде дека Русија се соочува со голем број проблеми за да го реализира својот извоз.

Гутереш додаде дека обновувањето на украинскиот извоз на жито од три пристаништа во Црно Море „значително придонесе за намалување на цените на пченицата и другите стоки“.

Поврзани новости