Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на почетокот на дебатата во Генералното собрание на ОН во Њујорк повика на итен прекин на огнот во Газа и порача дека е време за праведен мир заснован на Повелбата на ОН, меѓународното право и резолуциите на ОН.
Човештвото, рече тој, ита кон незамисливото – буре барут што ризикува да го зафати светот.
Во својот воведен говор тој предупреди дека неказнивоста, нееднаквоста и неизвесноста во однос на глобалната ситуација создаваат „неодржлив свет“.
Според него, брзината и обемот на убиствата и уништувањата во Газа не наликуваат на ништо што тој го видел во неговите години како генерален секретар.
„Повеќе од 200 луѓе од нашиот персонал се убиени, но жените и мажите од Обединетите нации продолжуваат да доставуваат хуманитарна помош“, рече Гутереш.
Меѓународната заедница мора да се обедини за итен прекин на огнот, безусловно ослободување на заложниците и почеток на процесот кон решение со две држави, додаде Гутереш.
Наведувајќи ги продлабочените геополитички поделби, војните на кои не им се гледа крајот, климатските промени и развојот на нуклеарно оружје, Гутереш рече дека човештвото „брза кон незамисливото – буре барут што ризикува да го зафати светот“.
Нестабилноста на многу места низ светот е нуспроизвод на нестабилните односи на моќ и геополитичките поделби.
„Најважно е да се почитува Повелбата на ОН, меѓународното право, да се поддржат и спроведуваат одлуките на меѓународните судови и да се зајакнат човековите права во светот. Каде било и секаде“, нагласи Гутереш.
Тој укажа на конфликтите кои „беснеат и се множат, од Блискиот Исток до Украина и Судан, на кои не им се гледа крај“ и глобалниот безбедносен систем, кој според него „се заканува на геополитичките поделби“.
Гутереш рече дека војната во Украина се шири без никакви индикации дека наскоро ќе заврши.
„Време е за праведен мир заснован на Повелбата на ОН, на меѓународното право и резолуциите на ОН. Во меѓувреме, Газа е постојан кошмар што се заканува да го зафати целиот регион. Сите треба да бидеме вознемирени од ескалацијата. Либан е на работ “, предупреди Гутереш.