Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ја нарече војната во Украина „апсурд во 21-от век“по обиколката на градот Бородјанка, кој се наоѓа во близина на Киев, каде што беа пронајдени тела на цивили, при што некои покажуваа знаци на тортура, откако руските трупи се повлекоа од областа претходно овој месец.
-Го замислувам моето семејство во една од тие куќи што сега е уништена и црна. Гледам како моите внуки бегаат во паника. Војната е апсурд во 21 век. Војната е зло. Нема шанси војната да биде прифатлива во 21 век, рече Гутереш.
Повлекувањето на руските сили од градовите како Бородјанка и Буча откри страшни докази за брутални убиства, тортура, масовни гробници и неселективно таргетирање на цивили во борбите, што поттикна повици од неколку земји, како и од ОН и Меѓународниот кривичен суд за спроведување на истраги за да се утврди дали биле извршени воени злосторства.
-Јас целосно го поддржувам Меѓународниот кривичен суд и апелирам до Руската Федерација да прифати, да соработува со него. Но, кога зборуваме за воени злосторства, не можеме да заборавиме дека најлошото од злосторствата е самата војна, додаде Гутереш подоцна за време на посетата во Буча.
И покрај огромните докази за спротивното, Русија негираше дека цели цивили откако ја започна својата неиспровоцирана војна во Украина на 24 февруари. Гутереш во Киев ќе се сретне со раководството на Украина.