Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска на виртуелниот Светски економски форум во Давос повика сите во светот да се вакцинираат против коронавирусот, додавајќи дека во спротивно светот нема да излезе од пандемијата.
– Изминатите две години покажаа едноставна, но брутална вистина. Ако некого оставиме настрана, го оставаме целиот свет настрана. Ако не успееме да го вакцинираме секој човек, создаваме нови соеви на коронавирусот, нагласи тој. Според него, без вакцинација на сите вирусот ќе продолжи да се шири и да го загрозува секојдневниот живот и економијата.
Гутереш додаде дека СЗО претходно претставила стратегија до крајот на 2021 година да се вакцинираат 40 отсто од луѓето во сите земји, а до средината на оваа година 70 отсто.
-Далеку сме од тие цели, рече Гутереш.
Генералниот секретар на ОН оцени дека е срамно што стапката на вакцинација во богатите земји е седумпати поголема отколку во африканските држави.