Ѓуровски: Со воената донација за Украина се остваруваат најмалку три стратешки цели

by Fokus

Нашата држава со воената донација за Украина остварува најмалку три стратешки цели за што постои консензус меѓу сите релевантни парламентарни политички партии во земјата,вели проф.д-р Марјан Ѓуровски, универзитетски професор на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј”.

-Мaкедонија се потврдува како сериозен партнер – земја членка на НАТО преку манифестирање на реална поддршка и воена помош на Украина, е првата цел, појаснува Ѓуровски. Наведува дека ваков тип на воени донации направија и други помали земји како Словачка, која донираше авиони МИГ и тенкови Т-72 за украинските вооружено сили, додава тој за МИА.

– Со овој потег, Армијата се ослободува од вооружувањето и од опремата кои не се од западно производство и не се дел од новата формација на Армијата согласно НАТО стандардите, а може да се користи. Воените донации воопшто не ја нарушуваат борбената готовност на Армијата која е на највисоко ниво и официјално високо оценета и од НАТО на последната вежба во Криволак, вели универзитетски професор на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”.

Истовремено, нагласува, треба да се истакне дека се реализира долгогодишниот план за модернизација на Армијата. САД, истакнува Ѓуровски, директно помогна за модернизација на македонската армија со финансиска помош од 40 милиони долари што е особено значајно за нејзината опременост и готовност за идниот период.

Опремата за која зборуваме, потсетува тој, Македонија ја набави од Украина за време на воениот конфликт во 2001 година. Согласно Стратегискиот одбранбен преглед и со новата формација на вооружените сили, појаснува Ѓуровски, авионите Сухои 25 не се користат долг период во македонското воено воздухопловство зошто за нив по членството во НАТО воопшто и нема потреба.

Како трета стратешка цел, што се постигнува според Ѓуровски, нашиот народ и држава преку донацијата на воена опрема и вооружување за Украина искажува благодарност до Украина и до украинскиот народ кои беа меѓу ретките кои во најтешката 2001 година ни помогна со вооружување и опрема за Армијата и тоа во услови кога бевме под ембарго и под будното око на меѓународната заедница.

– Одлуката на Владата се темели и на резолуцијата на Собранието на Република Северна Македонија за осуда на воената агресија на Русија врз Украина. Оттука, целосно се несериозни обидите да се девалвира нашата Армија заради овој чекор пред се од структури кои служат на проруските елементи во регионот. Политиката на Путин за промена на курсот на државите во регионот ќе биде поразена и на Балканот, вели тој.

Уште еднаш нагласи дека со употреба на новата опрема и системи во приоритетните единици, нужно е Армијата да се ослободува од постарите системи и опрема. Посочува дека процесот на аквизиција со новото вооружување и опрема, односно опремувањето и модернизација е предвиден и во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности поддржан со посебна резолуција од Парламентот.

 

Поврзани новости