Отворањето нови кризни жаришта не може да му помогне на Тачи, ниту пак на граѓаните на Косово и Метохија, изјави директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, откако косовскиот претседател Хашим Тачи достави до Собранието на разгледување и усвојување нацрт-резолуција за барањата на Албанците од Прешевската Долина, област во јужна Србија населена со мнозинско албанско население, за обединување со Косово.
Според Ѓуриќ, Хашим Тачи потврдил дека води неодговорна политика.
-Поттикнувањето на идеи за некакво присоединување на општините од Врањската котлина кон самопрогласено Косово е исто што и повик на ескалација на омразата и недовербата меѓу жителите на Прешево, Бујановац и Медвеѓа – рече Ѓуриќ.
Според него во Прешево поголемиот дел од жителите се Албанци, во Бујановец повеќе од половина од жителите не се Албанци, додека во Медвеѓа, Албанците се во симболичен број, но сепак сите живеат во мир и во нормални односи со своите соседи Срби.
Ѓуриќ порача дека идеите на Тачи за така наречена голема Албанија се дел од мрачниот и засекогаш поразен шовинистички проект.
-Како државјанин на Србија, Тачи би требало да знае дека волјата на народот од Србија, без разлика на националноста, а изразена со векови наназад, е покраината во која е и тој роден да биде составен дел од Србија и дека сепаратизмот и идејата за Голема Албанија се минато – истакна Ѓуриќ.