Гури немал никаква функција во ДУИ, во УЈП бил разрешен, дали бил со „Огнените“?

by fokus

Исмет Гури немал никаква функција во владејачката ДУИ, пред два-три месеци како што потврдија за „Фокус“ од Управата за јавни приходи, бил разрешен од функцијата заменик – управник во Регионалната дирекција Скопје, но официјално нема потврда дали бил со „Огнената група“ предводена од Изет Меџити.

Гури е од Чаир и првостепено е осуден за уништување изборен материјал на локалните избори во 2013 година, токму во оваа општина, од каде е предводникот на „Огнентите“, а на спорните избори бил секретар на Општинската изборна комисија Чаир.

Веста за акцијата во која е приведен Гури го отвори прашањето дали шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази кој се поврзуваше се ДУИ почнал битка против нив или пак сепак се работи за припадник на „Огнените“. Извори од „Огнените“ за „Фокус“ велат дека Гури бил поблизок со нивната фракција.

Меџити деновиве почна постапка за формирање на ново политичко движење, кое во суштина ќе биде класична политичка партија.

-Веќе целосно е стестен просторот за делување на ДУИ, каде како фракција баравме промени во партијата, на начинот на одлучување и функционирање. Но, сите можности за да предизвикаме промени ги исцрпивме, а тие не исклучија од партијата, изјави Меџити за „Фокус“.

Случајот е отворен од поодамна, шемите почнале да се прават уште во 2020 година. Обвинителството бара притвор за Гури, кој последно по втор пат беше неправосилно осуден на три и пол години затвор за „Титаник 3“.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости