Политичкиот аналитичар Ѓунер Исмаил порача дека одредени структури во опозицијата успеале да спречат носење уставни измени и на тој начин да го блокираат процесот на интеграција.
„Уставните измени беа само еден чекор кон интегрирањето во ЕУ, но и затворање на отворените прашања. Ние за жал, се уште го живееме распадот на Југославија, затоа што распаѓањето не е само едно рушење на куќа. Ние тоа се уште го живееме затоа што Македонија спаѓа на отсечката од тој фронт, во период кога во светот се води една огромна војна, која не е толку далеку од нас, колку што нам ни се чини, а тоа е руската агресија врз Украина. Второ, се запали огнот на Блискиот исток, којшто никогаш не беше угаснат и идејата на одредени сили е и на Балканот огнот никогаш да не се изгасне до крај“ посочи Исмаил во интервју за „Слободен печат“.
Според него, Македонија има проблем со дел од бугарската политика која е заложник на одредени источни и рпруски политики.
„Бугарите се едно множество, каде не се сите исти. Ние имаме проблем со еден дел од бугарската политика, којашто е заробеник на едни други политики, односно на источните политики“ порача Исмаил.
Запрашан за тоа кои се мотивите на ВМРО-ДПМНЕ да ја блокира државата на европскиот пат, Исмаил издвои две причини за таквото однесување на опозицијата.
„Има две објаснувања, едното е дека затоа што се опозиција, што само по себе не објаснува ништо, а второто е дека на тој начин го слабеат владејачкото мнозинство и дека на некои идни избори ќе покажат дека тие можат поинаку и тоа се објаснувањата. Но кога ќе ја погледнете големата слика, ќе видите дека и истроиски гледано, тие структури кои се крстиле како ВМРО или некакви патриоти, или по ново некои леви десничари, тие се всушност деструктивни структури во нашата држава“ порача тој.