Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ тврди дека Владата „нема да го преживее јануари 2022 година“. Тој во интервју за Антена М изјави дека анкетите на јавното мислење покажуваат дека поддршката за Владата е „на историски минимум “.
-Последниот податок што го прочитав е дека се работи за 35 отсто од јавната поддршка. Кога ќе се вкрстат тие информации, јасно е дека оваа влада го изгубила своето време и затоа е неминовно да се очекува дека веќе во почетокот на следната година би требало да треба да имаме нова влада, смета Мило Ѓукановиќ, пренесуваат подгоричките медиуми.
По 30 години Црна Гора, најмалата земја која произлезе од поранешна Југославија, во декември мината година првпат доби влада која не е контролирана од Мило Ѓукановиќ, човекот со најдолг стаж на власт во Европа.
На парламентарните избори на 30 август 2020 година опозицијата освои тесно мнозинство мандати, што беше прв пораз во политичката кариера на Ѓукановиќ, кој земјата со 620.000 жители во 2006 година преку референдум ја издвои од заедничката држава на Србија и Црна Гора.
Собранието на Црна Гора ја избра експертска влада на чие чело е Здравко Кривокапиќ со поддршка на 41 пратеник „За иднината на Црна Гора”, „Црно на бијело” и „Мирот е нашата нација”. Против Владата гласаа 40 пратеници на Демократската партија на социјалистите, Бошњачка странка и две албански коалиции.
Под водство на Ѓукановиќ во 2012 година Црна Гора ги започна и преговорите за пристапување кон ЕУ, а во 2017 година стана членка на НАТО.
Ѓукановиќ беше победен од разновиден опозициски сојуз, почнувајќи од просрпскиот Демократски фронт (ДФ) па до граѓанското движење Обединета реформска акција (УРА). Поразот на Ѓукановиќ го потпомогнаа бројни скандали, постојано беше обвинуван за блискост со организираниот криминал, а на тоа се надоврзува и распространетата корупција и растечка сиромаштија.