Ѓукановиќ одби да го потпише указот за отповикување амбасадори

by fokus

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ одби да го потпише указот за отповикување седум амбасадори и побара објаснување за тврдењата „дека тие работеле против интересите на државата“.

„Таквата проценка заслужува објаснување. Најпрво заради луѓето за кои станува збор. Не помалку важно, заради земјите каде што ја извршуваат должноста амбасадор. А не е неважно, и заради претседателот на Црна Гора кој им ги потпиша акредитивните писма со кои на шефовите на државите им препорачува прием, изјави Ѓукановиќ.

Во врска со одлуката на министерот за надворешни работи Ѓорѓе Радуловиќ да се повлечат седум амбасадори, со образложение дека тие не работеле во согласност со интересите на државата, тој додаде дека донесувањето указ ќе значи дека тој се согласува со тие „паушални, политикански и реваншистички проценки“.

– Се разбира, не е непозната праксата и на другите земји, по промената на власта, да менуваат голем број дипломати, претежно кои не се со кариера, со политичко објаснување. Сепак, ваквите легитимни политички потези на новата влада треба да се преземат без да се клеветат луѓето, без да се уништи нивниот морален и професионален интегритет, рече црногорскиот претседател.

Радуловиќ бара отповикување на црногорските амбасадори во Кина, Србија, Обединетите Арапски Емирати, Светата Столица, Италија, Босна и Херцеговина и во Германија. 

Поврзани новости