Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ изјави дека неговото доведување во врска со планирањето на атентатот на претседателот на Србија Александар Вучиќ е „најобична глупост и политичка конструкција“.
На новинарското прашање да коментира дека, по објавувањето на информациите дека е спречен атентат на српскиот претседател Вучиќ, тој е доведен во врска со тој настан, Ѓукановиќ кажа:
-Сметам дека таа тема на политичката и медиумска сцена и на Србија и на Црна Гора ја извртуваат еден број луѓе со болен ум. Затоа нивните измислици за мојата наводна улога во вистинската или измислена подготовка на атентат на претседателот на Србија ги отфрлам со потсмев на најдлабок презир, порача Ѓукановиќ.
Тој кажа дека е очигледно дека Србија се приближува на избори и дека владејачката политика е незадоволна од искуството со неодамна одржаниот референдум.
-Сигурен сум дека проценката на медиумско-политичките фактори во Србија е дека е потребно да се направи нова мобилизација околу фигурата за која тие проценуваат дека е најважна во политичкиот живот на Србија денес. И, нормално, тука темата за атентат е секогаш успешна, кажа Ѓукановиќ.
Тој истакна дека не е задолжително во таквите спинови да се појави и претседател на соседна држава како нарачател на атентатот, но дека во овој случај тоа сведочи само за некоја особена фрустрација која денес постои на медиумско-политичката сцена на Србија кон Црна Гора и нејзиниот претседател.
Ѓукановиќ како втор можен аспект на темата на атентатот ја препознава и конструкцијата позната во соработката на разузнавачките служби.
-Не е непознато дека од одредени кругови, политички и разузнавачки, кои не се задоволни од квалитетот, лојалноста на Србија и нејзиниот претседател и кои постојано се сомневаат дека Србија во некој критичен момент би можела да заталка во ЕУ, па можеби дури и во НАТО, се обидуваат да сервираат вакви конструкции, трудејќи се што повеќе да го врзат за себе, кажа црногорскиот претседател.
Тој кажа и дека е позната, иако професионално некоректна праксата разузнавачките агенции кога тоа им е потребно за политичка потреба, знаат од партнерските служби да порачаат информација за наводна загрозеност на безбедносните прилики или животите на истакнати личности во земјата чија безбедност ја штитат.
-Се сака да се сврти вниманието на претседателот на Србија дека и тој би можел да биде мета на обоени револуции, и дека наводна опасност му се заканува од западната страна и од поддржувачите на евроатлантската политика во регионот, додаде Ѓукановиќ.