„Целта е победа во вториот круг“ изјави актуелниот претседател на Црна Гора и претседателски кандидат на Демократската партија на социјалистите, Мило Ѓукановиќ, најавувајќи дека на 2 април ќе има дополнителни 40.000 гласови.
Во првиот круг од претседателските избори одржани на 19 март, Ѓукановиќ имаше поддршка од 35 отсто од гласачите или 120.000 гласови.
Неговиот противкандидат Јаков Милатовиќ од Движењето „Европа сега“ имал поддршка од 29 отсто од гласачите, што е вкупно 98.000.
„Имаме јасна стратегија за победа во вториот круг. Ние не користиме измама. Не шириме илузии, туку сметаме на постоечките гласачи. Апсолутно сум сигурен дека на 2 април ќе имаме биланс кој ќе биде доволен за победа“, изјави Ѓукановиќ.
Тој претходно изјави дека знае за „резервоарот“ од кој ќе извлече нови гласови, додека аналитичарите во Подгорица оценија дека тој смета на гласовите на малцинствата во Црна Гора, пред се Бошњаците и Албанците кои гласаа во мал број во првиот круг избори, и на емиграцијата која најави масовно пристигнување во Црна Гора на почетокот на април.
„Има голем резервоар на гласови, секако не под 40.000. Не зборувам за дијаспората и локалните граѓани. Зборувам за луѓе кои се во избирачкиот список. Некои од нив се тука, некои живеат на друга адреса, но тие се државјани на Црна Гора со живеалиште во Црна Гора“, рече Ѓукановиќ.
Вториот круг од претседателските избори е закажан за 2 април, а право на глас имаат околу 550.000 гласачи.