Најмалку 20 лица се приведени на денешните протести пред Парламентот на Грузија, каде што утрово, без учество на опозицијата, правната комисија го усвои предлог-законот „За транспарентност на странско влијание“.
Министерството за внатрешни работи на Грузија соопшти дека демонстрантите пред парламентот „го нарушиле јавниот ред, дале отпор на полицијата и ги навредувале“ полицајците, поради што се уапсени 20 од нив, меѓу кои еден руски државјанин и двајца американски државјани, пренесува Интерфакс.
Опозициските пратеници тврдат дека не им било дозволено да влезат во зградата на парламентот каде Комисијата за правни прашања го усвоила законот по две минути, со што се отвора патот за гласање за законот во собранието оваа недела, пренесува Ројтерс.
Во Грузија секојдневно се случуваат протести против овој закон, а синоќа демонстрантите се собраа во близина на зградата на парламентот, од каде полицијата ги отстрани за да влезат пратениците, пишува РИА Новости.
Грузијците веруваат дека овој чин, кој наликува на рускиот закон од 2012 година, ги оддалечува од ЕУ.
Грузискиот премиер Иракли Кобахидзе вчера изјави дека законот за странски агенти ќе биде усвоен и им се закани на оние кои протестираат против усвојувањето на тој закон дека ќе бидат уапсени доколку постапат на насилство.
Службата за државна безбедност на Грузија во средата објави дека целта на демонстрантите е „насилно да ја преземат власта“ со помош на финансии од странски партии и невладини организации.
Парламентот на Грузија на 1 мај во второ читање го усвои предлог-законот „За транспарентност на странско влијание“, со кој се предвидува организациите кои добиваат повеќе од 20 проценти од средствата од странство да бидат регистрирани како „застапници за странски интереси“.
Ваквиот закон минатата година беше напуштен поради масовни протести, но во април годинава владејачката партија „Грузиски сон“ предложи речиси идентичен закон, со промената наместо терминот „застапник за странски интереси“ да се стави терминот „организација што работи за странски интереси“.
Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Фолкер Турк, претходно ја повика Грузија да го повлече овој нацрт-закон од процедурата, додека претставниците на Европската унија предупредија дека неговото усвојување ќе биде сериозна пречка Грузија да стане членка на ЕУ.