Групата Вагнер објави дека го зазеле „целиот источен дел“ на Бахмут

by fokus

Шефот на руската паравоена група Вагнер денеска изјави дека неговите војници го зазеле „целиот источен дел“ на Бахмут, центарот на борбите во источна Украина.

„Единиците на Вагнер го окупираа целиот источен дел на Бахмут, сè источно од реката Бахмутка“, рече Евгениј Пригожин во аудио пораката објавена од неговата прес-служба.

Во последниве денови, притисокот значително се зголеми врз украинските сили кои го бранат Бахмут и тие се соочени со руското напредување и опкружување.

Во својот последен извештај објавен вчера, Институтот за проучување на војната (ISW), кој обединува група американски експерти, наведе дека руските сили „изгледа“ дека го окупирале источниот дел на градот по „контролираното повлекување“ на Украинските сили во таа зона.

Во интервју за Си-Ен-Ен, украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека неговите војници се решени да го задржат тој град. Тој рече дека по Бахмут, Русите би можеле да имаат отворен пат да одат понатаму, кон Краматорск, Слoвјанск и другите градови во Украина.

Иако стратешката вредност на Бахмут е оспорена, градот добил симболично и тактичко значење со оглед на големите загуби што ги претрпеле двете страни во битките околу него. Околу тој град се води најдолгата и најсмртоносната битка од почетокот на руската офанзива во февруари 2022 година.

Поврзани новости