„Во најкус можен рок да ни го доставите Договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10Д потпишан на 8.03.2023 меѓу Министерството за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта и конзорциумот `Бехтел и Енка`“ – гласи барањето на група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ до премиерот Димитар Ковачевски.
„Доколку овој Договор е класифициран со степен на доверливост, во прилог Ви доставуваме и наши безбедносни сертификати кои според член 37 од Законот за класифицирани информации ни овозможуваат пристап до владини документи „државна тајна“, се наведува во барањето потпишано од група пратеници.
Барањето велат дека го засноваат на член 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), член 122 од Деловникот на Собранието (работните тела можат да бараат податоци и информации од органите на државната управа) и Законот за класифицирани информации кој е заснован на принципот „потребно е да се знае“.
Пратениците укажуваат на потребата да го имаат на увид наведениот Договор за да можат одговорно да ја извршуваат функцијата и совесно да гласаат „за“ или „против“, бидејќи, како што нагласуваат, сите предложени измени се поврзани со извршување на Договорот за коридорите.