Групи граѓани од Софија на 4 февруари планираат со автобуси да допатуваат на гробот на Делчев во Скопје.
Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“, на својот Фејсбук профил прв најави дека на 4 февруари годинава ќе биде организиран превоз на Бугари кои ќе сакаат да се поклонат на гробот на Гоце Делчев во Скопје.
Тој ги повика сите Бугари да ја прослават 151-годишнината од раѓањето на Делчев за кого Стојанов пишува дека е Бугарин.
„Фондацијата Македонија ги поканува сите Бугари, бугарските политички партии и невладини организации заедно да прославиме 151 година од раѓањето на бугарскиот национален револуционер Георги Делчев во Скопје! На 4 февруари (сабота) во 12 часот по локално време (13 часот бугарско)! Обезбедивме превоз со автомобил за оние кои сакаат да дојдат! Повелете масовно во Скопје да го прославиме сите заедно нашиот народен херој Георги Делчев“, се вели во објавата.