„Ни Грујевски ни Бошковски не беа дома. Нивните сопруги изјавија дека не знаат каде се“, велат извори од полицијата за Дојче Веле.
Двајцата биле барани во своите домови и на уште шест-седум локации, каде според оперативни сознанија на МВР би можеле да престојуваат, но ниту таму не биле најдени. Бошковски и Грујовски легално не можат да ја напуштат земјата и вчера не биле евидентирани на граничните премини. Засега нема сознанија дали илегално заминале од земјата или нашле засолниште во неа.
Нивното лоцирање според сигналот на мобилните телефони е невозможно, бидејќи и двајцата своите телефонски апарати ги „заборавиле“ дома, каде биле евидентирани од страна на полицијата.
Полицијата синоќа го доби решението од Врховен суд за нивен притвор од 30 дена. Горан Грујовски е поранешен началник на Петтата управа во Управата за безбедност и контраразунавање и е обвинет во предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“. Никола Бошковски беше вработен во УБК и тој е обвинет во истите предмети.
Предметите „Таргет“ и „Тврдина“ се однесуваат на незаконското следење на комуникациите на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на дел од опремата со која било сторено кривичното дело.