На екс началникот на петата управа, Горан Грујевски кој речиси два месеци е во бегство ќе му се суди во отсуство, ако тоа го побара Специјалното јавно обвинителство, објавува телевизија ТВ 21. За следното рочиште за предметот „Тврдина 2“ кое е закажано за 26 септември, од скопскиот кривичен суд велат дека треба прво да добијат писмено известување дали обвинетиот е достапен за органите. Грујевски заедно со уште шестмина други вработени во УБК е обвинет за уништување на документи за набавка на опремата за следење на комуникациите.
„Ако лицето не е достапно, согласно член 365 ст.3 од ЗКП на обвинетиот може да му се суди во отсуство само ако е во бегство или е недостапен на државните органи, а притоа постојат особено важни причини за да му се суди во отсуство. Решение за да му се суди во отсуство носи судот на предлог на овластениот тужител“, велат од Основен суд Скопје 1.
Од Специјалното јавно обвинителство велат дека нивна цел е случајот да добие судска разврска.
„Согласно условите на самото судење обвинителите ќе ги искористат сите законски можности за да може судењето на продолжи“, додаваат од СЈО.