Поранешниот началник во УБК Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски, денеска во 9:30 треба да бидат на рочиште во Врховниот суд во Атина, каде ќе се одлучува по нивната жалба за одлуката за екстрадиција на судот во Солун, јави дописникот на МИА од Атина.
Сослушување на Грујевски и Бошкоски пред Комитетот за азил во Солун вчера беше одложено. Тие пред Комитетот требаше да ги изнесат причините поради кои го бараат азилот во Грција.
Претходно нивното првично сослушување во Комитетот беше одложено бидејќи имало проблем со обезбедување преведувач на македонски јазик.
Одлучувањето во Атина доаѓа по нивните жалби откако Основниот суд во Солун одлучи дека тие треба да бидат екстрадирани во земјава.
Според некои домашни проценки, двајцата бегалци би требало да бидат екстрадирани наредниот месец, за кога во Кривичниот суд се закажани рочиштата за Таргет- Тврдина и Трезор.
Грујевски и Бошковски барање за добивање политички азил во Грција доставија на 29 ноември минатата година. Овој потег, како што јави дописникот на МИА од Атина, беше очекуван, со оглед на тоа дека во вакви случаи, за да се пролонгира екстрадицијата следниот чекор е барање азил.
Со поднесеното барање за политички азил, пак, се отвори нов паралелен и дополнителен процес. Грујевски и Бошковски, во Грција, веќе имаат три различни и меѓусебно неповрзани процеси, едниот за екстрадицијата по издадената меѓународна потерница од македонска страна, другиот за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром и третиот по барањето за азил.