Поранешните началници во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, за два дена, на 15 февруари, пред Комитетот за азил во Солун ќе ги изнесат причините поради кои го бараат азилот во Грција, потврдија за МИА од адвокатскиот тим.
Претходно нивното првично сослушување во Комитетот беше одложено бидејќи имало проблем со обезбедување преведувач на македонски јазик.
Грујевски и Бошковски барање за добивање политички азил во Грција доставија на 29 ноември минатата година. Овој потег, како што јави дописникот на МИА од Атина, беше очекуван, со оглед на тоа дека во вакви случаи, за да се пролонгира екстрадицијата следниот чекор е барање азил.
Со поднесеното барање за политички азил пак, се отвори нов паралелен и дополнителен процес. Грујевски и Бошковски, во Грција, веќе имаат три различни и меѓусебно неповрзани процеси, едниот за екстрадицијата по издадената меѓународна потерница од македонска страна, другиот за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром и третиот по барањето за азил.