Грујевски и Бошковски 28 дена во бегство

by fokus

Речиси еден месеци, или поточно 28 дена, нема ниту трага ниту глас од Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои наместо во истражниот затвор „Скопје“, откако им беше одреден притвор, се наоѓаат во бегство.

Меѓународната потерница за Грујевски, екс началникот на Петтата управа во УБК и Бошковски, вработен во УБК, кои се обвинети во случајот „Таргет и Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), беше распишана на 26 јуни, откако полицијата не успеа да ги пронајде и спроведе во притвор.

Екипи на полицијата обвинетите ги бараа на адресите каде што пријавиле живеалиште, но и на повеќе локации во Скопје, Велес и Охрид, каде што имале оперативни информации дека е можно да се кријат, но сепак не ги пронајдоа. Веднаш потоа беше распишана потерницата, за која од МВР информираат дека се уште е активна.

На Грујевски и Бошковски претходно им беа одземени патните исправи, поради што доколку ја напуштиле државата тоа морале да го сторат на нелегален начин. Тие легално не можеле да избегаат ниту во Србија и Албанија, каде што може да се патува и со лична карта, бидејќи на граничните премини имаа дојава да им го спречат секој обид за излез од земјата.

Притворот за обвинетите Аплеациониот суд го одреди на 18 јули, но тие веднаш не беа спроведени зад решетки, бидејќи им беше оставен простор да се жалат пред Врховниот суд, а во поуката на Апелација беше наведено дека правото на жалбата го одлага извршувањето на решението.

Грујевски е обвинет за кривичните дела „Злосторничко здружување“, „Злоупотреба на службена положба и овластување“, „Фалсификување службена исправа“, а Никола Бошкоски се товари за кривичните дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Фалсификување службена исправа“.

В.В.

Поврзани новости