Текстот е објавен на 11 јули 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 979
Владејачката партијата со невидена леснотија ги доведува во прашање имотите и примањата на сите оние што ја критикуваат, меѓутоа кога нејзините видни членови ќе се најдат во обратната ситуација веднаш го „вадат кубурот“ и душевно оболуваат.
Тие без никаков срам зборуваат за сомнителното потекло на туѓиот имот, верувајќи дека она што се знаело за нивните недвижности е заборавено, а се надеваат дека она што е далеку од очите на јавноста оти таму и ќе остане благодарејќи на контролата на медиуми и притисоците врз новинарите воглавно со тужби.
Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ
„Иле врати се, сѐ ти е простено!“ Ова е најинтересниот твит за соопштението кое ВМРО-ДПМНЕ неодамна го упати кон невладината „Транспарентност Македонија“ и кон новинарот и аналитичар Сашо Орданоски кој се перцепира како лицето на организацијата.
Шеговитиот интернетџија го коментираше вокабуларот на владејачката партија откако Илија Димовски замина од Центарот за комуникации. Немаме информации дали некој веќе го заменил „незаменливиот“ на пи-ар тронот, меѓутоа според навредливата содржина во соопштенијата се насетува дека некој се обидува да биде поголем Илија од Димовски.
Фино се забележува напрегањето, напорот да се остави впечаток, и во јавноста и во партијата, со соопштенија налик на она во кое ВМРО-ДПМНЕ го нарекува Орданоски „влечуга“.
Меѓутоа, ќе излажеме ако кажеме дека и во поновите јавни восклици на властодршците ги нема оние препознатливи елементи кои нѐ забавуваат веќе осма година. И сега битна нишка во еднонасочната комуникација на ВМРО-ДПМНЕ со народот се таканаречените „ад хоминем“ напади, партијата не демантираше ниту еден од податоците во извештајот на „Транспарентност“, меѓутоа го навреди Орданоски и цинично се занимаваше со неговата хациенда во Бардовци.
Од непристојниот текст што ВМРО-ДПМНЕ го нарекува соопштение требаше да сфатиме дека Орданоски го плаќаат непознати моќни донатори за да работи против државните интереси, а во полза на личната корист олицетворена во луксузен објект лоциран во една од уште полуксузните скопски населби.
ПОМНЕЊЕТО НА МАСАТА МОЖЕ ДА СЕ МОДЕЛИРА
Политичката игра на ВМРО-ДПМНЕ во голема мера се темели врз спознанието дека масата има кратко паметење и дека токму поради тоа, со редовни дози на пропаганда, може да се моделира меморијата на луѓето, барем на мнозинството кое не е дел од критичната јавност.
Ова е и научно докажано, колку и да звучи изветвено оваа фраза. Американскиот психолог, Елизабет Лофтус, која има издадено книга за престижниот универзитет Харвард, тврди дека многу е погрешно што луѓето својата меморија ја доживуваат како касетофон кој снима. Општо прифатено е дека меморијата функционира на тој начин што човекот ги снима податоците во својот мозок и кога и да му требаат само премотува назад и се присетува.
Меѓутоа, според Лофтус децениски истражувања покажуваат оти тоа едноставно не е точно и дека нашите сеќавања постојано се менуваат. Таа вели дека меморијата е како страница на Википедија:
„Можете да отидете и вие да смените нешто, меѓутоа истото може да го направат и други луѓе. Или пропагандата може да го стори тоа, ако смееме да додадеме нешто иако далеку од тоа дека сме психолози.“
Властодршците ова многу добро го знаат кога без трошка срам зборуваат за имотот на Заев, Шекеринска па и оној на Орданоски. Да се искрени и да сакаат да се расчисти ова прашање, кој од каде го набавил имотот, ќе ја прифатеа неодамнешната фрлена ракавица од СДМС за јавна дебата на само една и единствена тема – имотот на партиските функционери.
Тие без никаков срам зборуваат за туѓиот имот, верувајќи дека она што се знаело за нивниот е заборавено, а се надеваат дека она што е далеку од очите на јавноста оти таму и ќе остане, благодарејќи на контролата на медиуми и притисоците врз новинарите воглавно со тужби.
Токму затоа, без некакви амбиции да влијаеме врз колективното сеќавање и да бидеме поголем Илија од Димовски, дозволете да потсетиме што се пишуваше и што се објави за имотот на оние на кои устите им се полни со хациенди, странски донатори и со сомнителни примања.
СКРОМНАТА И МАЛА КВАДРАТУРА НА СЕМЕЈСТВОТО ГРУЕВСКИ
Имотната состојба на Никола Груевски стана тема неколку месеци пред тој да седне на премиерското столче, бидејќи тогашната владејачка СДСМ водеше црна кампања против лидерот на опозицијата со билборди, прес конференции и со случаи во Антикорупциската и во УЈП.
Таканаречениот „кејс“ – Станови на Груевски ја бранува јавноста и денеска од две причини. Покрај онаа очигледната дека се работи за имотот кој се поврзува со најмоќниот човек во Македонија, постои и интригата која доаѓа оттаму што во својот анкетен лист за имотот, ниту како пратеник, ниту како премиер, Никола Груевски никогаш не пријавил станови, а веќе јавноста одамна знае дека неговата мајка е сопственик на неколку „гајби“.
Ако се погледне последниот анкетен лист во Антикорупциска комисија ќе се види дека премиерот и сопругата имаат преку 30 банкарски депозити во најразлична форма и во неколку банки, нешто кеш и 30 уметнички слики, пет повеќе од претходно. Меѓутоа, станови или било каков недвижен имот нема!
Опозицијата во кампањата за претходните парламентарни избори, во 2011 повторно ја актуелизираше темата и тогаш на пресконфереција извади информација дека семејството на Груевски во перидот од 2000 до 2002 поседувало не четири шест стана.
„Два стана на улицата „Владимир Комаров“ со вкупна површина од 124 m2, два стана на улица „Бихаќка“ со вкупна површина од 143 m2 и еден стан на улицата „Васил Ѓоргов“ од 86 m2 и еден стан на непозната адреса од 57,29 квадрати“, изјави тогашниот потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев.
Во молскавичната реакција на ВМРО-ДПМНЕ, покрај заканата за тужба и квалификацијата дека Гордан е камиказа, стоеше и тоа дека било вистина оти мајката на Никола Груевски поседува еден стан во населбата Капиштец купен 1986 година, тој е тој од 86 метри квадратни на улица „Васил Ѓоргов“ и дека „има два мали стана на „Бихаќка“ купени на кредит“.
Со други зборови, тогаш ВМРО-ДПМНЕ призна три од шестте станови кои му се калемеа на нејзиниот лидер. И денеска ситуацијата според Катастарот е таква, Надежда Груевска сѐ уште е газдарица на три стана, два на „Бихаќка“ и еден во Капиштец на „Васил Ѓоргов“.
Сепак, интересни се информациите за четвртиот стан кој наводно, барем така СДСМ тврдеше, го поседувало семејството на Груевски на улица „Владимир Комаров“.
Според опозицијата извесен Ј.Стојановски е актуелен сопственик на станот кој Груевски наводно го купил на 30. март 2000 година токму на адресата на „Владимир Комаров“. ВМРО-ДПМНЕ тогаш ништо не спомна за овој стан, меѓутоа за него во 2008 година пишувал „Утрински весник“.
Овој медиум информираше дека, според неговите информации од ЈП за стопанисување, мајката на Груевски склучила договор за стан кој се наоѓа во населбата Вардар, на улица „Владимир Комаров“, две и полсобен, со површина од 57 квадратни метри.
„Купопродажната цена е 2,4 милиони денари или 77.000 германски марки, а договорот е склучен на 24 март 2000 година. Купувачот уплатил сопствено учество од 30 отсто, 718.000 денари или 23.000 германски марки. Остатокот од 54.000 германски марки ќе го плаќа во 120 месечни рати“, стои во текстот на „Утрински“ кој УЈП го линкувала на својата интернет страница.
За извесниот Ј.Стојановски СДСМ ги поврзуваше и петтиот и шестиот стан. Според опозициската партија Ј.Стојановски е газда и на вториот стан на улицата „Владимир Комаров“ и на оној од 57 m2 на непозната адреса.
СДСМ го „товареа“ Груевски и за станот кој според нив припаѓал на неговиот брат Ѓорги Груевски а бил лоциран во објект кој, како што тврдеше опозицијата, го градела фирма блиска до бизнисменот, Орце Камчев.
ЗЕТОВЦИ НА КОИ ИМ ПАДНА СЕКИРАТА ВО МЕД
И пред да го свртиме вниманието од Груевски на другите негови истакнати сопартијци, дозволете да споделиме уште неколку интересни работи кои можеа да се прочитаат за становите на неговата мајка.
За двата стана на „Бихаќка“ и СДСМ во 2011 и „Утрински“ три години порано тврдеа дека се купени на 9 август 2001 година, еден ден по крвавиот настан на Карпалак за време на воениот конфликт со ОНА. Интересно е дека за овие два стана кои се наоѓаат во ист влез, на ист кат на „Бихаќка“ ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека имаат мала квадратура, додека УЈП исто така за „Утрински“ изјавила оти се со „скромна квадратура“.
Од друга страна, пак, СДСМ во сите јавни настапи никогаш не заборава во квадратурата на овие два стана да ги додаде и оние 16 квадрати од двете гаражи на „Бихаќка“. Сепак, ќе оставиме сами да решите каков епитет ќе им дадете на стан од 50 и на стан од 77 метри квадратни (без гаражите)!
Околу фамозните станови на Надежда Груевска треба да се потсети дека сѐ уште постои дилемата дали Груевски требало да ги пријави во анкетниот лист во Антикорупциска кога беше опозиционер.
СДСМ тврдеше дека во декември 2002 година како пратеник Груевски во анкетниот лист не пријавил никаков имот, иако како адреса на живеење го запишал станот на неговата мајка на „Васил Ѓоргов“, кој бил и нејзино живеалиште и затоа имал обврска да го нотира целиот нејзин имот.
Интересно е дека поранешната антикорупционерка Слаѓана Тасева во интервју за Фокус во 2011 година тврдеше дека денови пред да дојде на власт, Никола Груевски ја менува адресата на живеење.
„Значи, тој не живее на иста адреса со Надежда Груевска. Зошто е ова битно? Во законот пишува – Функционерите и лицата коишто живеат со нив во семејно домаќинство. Со самото тоа, дека тие не живеат во семејно домаќинство, Надежда Груевска не може да биде третирана од страна на Антикорупциската комисија“, објасни Тасева.
Ова отприлика објаснува зошто сега Груевски не ги пријавува становите на неговата мајка.
Најверојатно поради фактот дека Антонио Милошоски и Јани Макрадули на изборите во 2011 се судрија во петтата изборна единица, екс пратеникот од СДСМ неколкупати зборуваше за имотот на екс министерот за надворешни и за членовите на неговото пошироко семејство.
Така, уште пред изборите, Макрадули обвини дека не само мајката на Груевски, ами и тогашниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, во 2001 година и претходната година стекнал два стана кои претходно биле во сопственост на државата.
Според Макрадули, тогашниот портпарол на владата, Милошоски во март 2000 година поднел барање за доделување државен стан, а потоа станот по три месеци преминал во негова сопственост. Се работи за недвижен имот на улица „Кузман Јосифовски-Питу“, но СДСМ тогаш обвини дека по осум месеци Милошоски стекнал уште еден државен стан, и тоа на „Васил Ѓоргов“, на улицата на која, според ВМРО-ДПМНЕ, мајката на Груевски имала стан уште од 1985 година.
Но, СДСМ не остана на ова обвинување. Макрадули за време на изборната кампања повторно го прозва Милошоски и соопшти дека таткото на неговата сопруга изградил две куќи во медитерански стил на површина од повеќе од 1.100 метри квадратни во елитната скопска населба Бардовци.
Тој информираше и дека дедото на Милошоски бил графички техничар и живеел во скромна барака. Милошоски тогаш уште како министерот од Битола, каде што се одвиваше нивната изборна битка, само кратко демантираше и кажа дека она што го поседува го пријавил во имотниот лист!
И кога сме кај Бардовци, населбата која беше лајт мотив за овој текст треба да потсетиме дека во близина на ова елитно живеалиште куќа купи и најревносниот записничар на сдсмовскиот имот за време на транзицијата. Имено, Влатко Ѓорчев за „Фокус“ пред една година објасни дека тој и сопругата купиле куќа во селото Бардовци, меѓутоа не во оној елитниот дел и дека на тој подвиг се решиле откако неговата сопруга добила наследство од баба ѝ Американка во вредност од 195.000 долари.
Ѓорчев тогаш ни потенцираше дека разликата меѓу оние куќи на Водно на, како што тој ја нарекуваше, Црвената буржоазија и неговата е во тоа што тие вредат милиони евра и за тој имот нема јасно потекло.
ДИМЧЕМИРЧЕВЦИ
Последните превирања на темата околу имотот на функционерите се случи пред последниве избори кога гласноговорникот на СДСМ Петре Шилегов ги откри становите на високите владини функционери или на нивните блиски роднини сместени во една единствена зграда која се наоѓа спроти влезот на Министерството за надворешни работи. Во таа зграда станови поседуваат министерката Гордана Јанкулоска и нејзиниот сопруг, двата сина на пратеничката Силвана Бонева и сопругот на заменик министерката Соња Лепиткова.
Но, тоа не беше сѐ. Во зградата станови имаат и советничката од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје Слободанка Алексовска, телохранителот на Груевски Иво Павлов, како и мајките на ген секот во Владата Кирил Божиновски и на директорот на Управата за финансиско разузнавање Владимир Атанасовски.
Според Шилегов вредноста на сите овие станови е некаде околу милион евра, но она што е интересно е дека во бројните соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ и во реакцијата на споменатите газди на „Димче Мирчев“ никој точно не објасни како тоа толку видни партиски членови одбрале да живеат на едно место!
Каква ќе беше тоа приказна
А ЗАЕВ ДА ИМАШЕ ХОТЕЛ ВО БУГАРИЈА?
Замислете дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев има хотел во Бугарија. Угостителски објект кој се наоѓа во близина на националниот парк Рила, каде што е лоцирана резиденцијата на поранешниот бугарски комунистички лидер Тодор Живков и во непосредно опкружување на хотелот да биде природниот парк Бочиново, долж реката Бистрица, каде што се наоѓа два и пол километарско шеталиште со аквапарк и базен, како и ски-патеката Бодрост.
Замислете на официјалната интернет страница на угостителскиот објект да пишува дека се работи за нов хотел со три ѕвездички, кој располага со 36 соби, од кои 5 луксузни апартмани (еден за младоженци), софистициран ресторан со тераса, конференциска сала..!
Каква приказна ќе беше тоа за провладините медиуми? Меѓутоа таа приказна нема никогаш таму да ја прочитате, зошто веќе „Фокус“ ја објави и за жал хотелот не е на Заев. Туку на неговиот сограѓанин од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Васил Пишев!