Осудениот екс премиер, Никола Груевски, изрази сочувство за смртта на поранешната пратеничка, Благородна Дулиќ, која почина во вторникот. Тој од Будимпешта, каде што е во бегство, порача дека Дулиќ оставила траен белег во парламентот како пратеник посветен на својата работа.
„Замина Благородна Дулиќ. Ќе ја паметиме како исклучително стабилна и цврста личност, нескршлива и праведна, храбра и мудра. Нејзиното искуство се чувствуваше во секој миг во комуникацијата со другите. Нејзината стручност доминираше во секоја соодветна прилика. Многу трудољубива и работлива.
Си замина една исклучително добра и несекојдневна личност, искрена, отворена и подготвена за саможртва кога идеалот и правдата се во прашање.
Секогаш ќе живее во нашите сеќавања и спомени. Остави траен белег како исклучително посветен и способен пратеник во парламентот. Нека почива во мир“, напиша Груевски на својот фејсбук профил.