Поранешниот премиер Никола Груевски денеска од Будимпешта се јави со нов статус на Фејсбук, во кој дава објаснување за пронајдените четири пиштоли во неговиот дом. Вели дека за пиштолите имал дозвола од МВР, а дозволата била заедно со пиштолите.
-Најновата лажна вест е дека пронашле оружје без дозвола.Тоа е неточно. Моите четири пиштоли се со дозвола издадена од МВР и на местото каде можеле да ги пронајдат беше и дозволата за нив. Таа дозвола беше важечка во моментот кога заминав од Македонија со цел да побарам политички азил заради политичкиот прогон на власта. Подоцна, по моето заминување можеби рокот на дозволата истекол, но јас не сум во Македонија и не сум во можност да барам продолжување на рокот на дозволата за оружјето. Оружјето заедно со дозволата и муницијата со документи за набавка на истата, пред се за случајно да не дојдат во раце на децата, беа сместени во мал заклучен сеф, користен само за тоа, така што никој друг неможеше да има пристап до истото. Десетици други наслови со лажни вести во режимските медиуми само ми потврдија дека политичкиот прогон и хајката кон мене не само што не запреле туку добиле на интензитет, пишува Груевски.
Тој ја обвинува власта дека со помош на, како што ги нарекува, контролираните од власта медиуми, ја доведува јавноста во заблуда.
-Дури одат и до таму дека непосредно пред да заминам сум потпишал договор за закуп на двата стана за да не плаќам закуп, а не објаснуваат дека согласно тој договор извршена е инвестиција во тие изнајмени станови која одреден период се одбива од ратите за закупот и тоа е во време кога сеуште немав правосилна пресуда на судот и сеуште се надевав на правда, па сите планови ми беа поврзани со мојот дом. Сега очекувам со денови и недели, па и со месеци, медиумите блиски на власта по стотици пати да ги повторуваат лажните вести во специјални емисии на темата, во вестите, преку изјави на платени аналитичари и новинари под контрола или платени од власта, квази експерти, преставници на дел од НВО и други апологети на режимот на власт, вели Груевски.
Тој обвинува дека претставници на МВР во цивил постојано кружат околу неговиот дом и снимаат и вели дека не исклучува „нов упад“.