Пред да избега во Будимпешта, Унгарија, Никола Груевски со години живееше во стан во зграда на улицата Павел Шатев, или поранешна Бихаќка. Подоцна се дозна дека всушност, Груевски живеел во дуплекс, односно два споени стана, со вкупна површина од над 140 квадратни метри.
Но, кога беше отворена истрагата за случајот “Плацевите на Водно”, односно за тајниот имот на екс премиерот, се појави сомнеж дека тој поседува уште два соседни стана во истата зграда, сокриени зад туѓо име во имотните листови. Според обвинителството, Груевски, едниот го користел како работен кабинет, а вториот како библиотека.
Груевски од Будимпешта се правдаше дека становите не се негови, туку ги изнајмувал. И на последното рочиште за случајот “Плацевите на Водно”, во петокот, обвинителката Лиле Стефанова презентираше договори за закуп кој ги склучил Груевски за овие два стана, но она што е интересно е дека тој за нив не плаќал месечна кирија.
Па така, и за двата стана со површина од 67 метри квадратни и 54 метри квадратни, договорот за закуп го потпишал непосредно пред да избега во Унгарија, односно во септември 2018 година.
За едниот требало да плаќа месечна кирија од 250 евра, а за другиот 200 евра, но во договорот е наведено дека киријата нема да ја плаќа следните 26 месеци, бидејќи ќе инвестирал во нив, поточно ќе ги реновирал и опремувал.
Скопјанката, пак, на чие име се запишани становите наскоро ќе влезе и во судница, како сведок на обвинителството, и ќе ја расчисти дилемата дали Груевски е вистинскиот сопственик.
За случајот “Плацевите на Водно”, обвинети се екс премиерот Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, мајка му Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.
Според обвинението, Груевски, од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра, а со кои си купил земјиште на Водно.
Валентина Вурмо