Некогаш дури и не слушавме какви лаги и интриги ни прават меѓу албанскиот електорат не само медиумите финасирани од Сорос, туку често и некои албански политичари кои својата неспособност и неисполнетите ветувања пред албанскиот електорат секогаш ги фрлаа на контото на ВМРО-ДПМНЕ, објаснувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ како поголем партнер во владата го попречил тоа и тоа, тврди лидерот на партијата, Никола Груевски во четвртото продолжение од мега интервјуто за „Република“.
– Некои албански политичари и ми го признале неформално. И сето тоа, не само што беше неточно туку и никој не го демантираше. По ова прашање покренав некои иницијативи во партијата пред година-две, но не наидоа на поддршка, и тоа меѓу другото придонесе да продолжи да се креира лажна и црна слика меѓу Албанците за ВМРО-ДПМНЕ. Да потсетам, колку што се присутни во македонските уште поприсутни се парите на Сорос во албанските медиуми – истакна Груевски.
Тој, исто така зборува за тоа дали Џорџ Сорос има информации за дејствувањето на СЈО и за начинот на кој работи Специјалното обвинителство, за тоа дали патриотизмот значи и да се биде антизападно ориентиран, а зборува и за дилемата дали Сорос навистина знае кого поддржува во Македонија. Груевски вели дека Сорос знае за неговите реакции, дека веројатно е лут за тоа и иритиран и дополнително мотивиран да фрла пари против нив.
– Се прашувам како еднаш не се запрашал за тоа, дали тој и неговиот тим можеби нешто погрешиле против нас кога толку многу пати политичките елити кои ги поддржува губат од народот, па еве и покрај сите околности и игри кои ни беа направени во последните две години, и покрај ангажманот на толку многу фактори од надвор, народот повторно му даде поголема поддршка на ВМРО-ДПМНЕ отколку на СДСМ, и покрај сета помош, парите и логистиката што ги доби СДСМ и со кои купуваше гласови на граѓани од ромската заедница и други посиромашни граѓани, и ја финасираше својата кампања и кампањата на некои други помали коалиции. Јас да сум на негово место, после толку години трошење пари и инвестирање, би нашол начин да си ја преиспитам политиката, да си ги проверам фактите и ако сум згрешил, да се коригирам – вели тој.
Според него, Сорос има многу информации за Македонија, многу повеќе отколку што се мисли, но дека има погрешни информации и погрешни анализи, а како резултат на тоа и донесува погрешни проценки и одлуки.
– На пример, за вашето прашање за СЈО, тој сигурно знае дека постои СЈО и што е тоа по дефиниција, што треба да работи и тоа му звучи правично и логично. Но, седнал ли некогаш со специјалната обвинителка да поразговара и да види со кого си имаме работа? Да му раскаже како нејзиниот невработен внук, кого неодамна таа си го вработи, ќе ги зајакне капацитетите на СЈО, како што таа јавно кажа, да му раскаже како прима инструкции од амбасади со кого да се види со кого не, и против кого и кои обвиненија да ги отвори, а оттаму прават проценки кого политички да елиминира преку алатката СЈО – додава Груевски.