Вчерашниот твој говор е полн со омраза, со разединување, со повик кон одмазда и со повик за „конечни“ пресметки, но за наша среќа, а твоја несреќа, тоа нема да ти го дозволиме. Нема да влеземе во твоите лични битки затоа што веќе сме свесни дека само заедно можеме да продолжиме понатаму. Само заедно можеме да ја препливаме оваа криза што ни се случува во општеството веќе со години наназад.
Нема повеќе да ти дозволиме да бидеш тој што ќе не вртиш еден против друг, само за ти да успееш и да се спасиш. Нема веќе да бидеш тој третиот што користи, од двајца кога се караат. Нема да ти поткелнеме на повиците и нема да ти ја оствариме твојата последна и најголема желба, комплетно да не разделиш за да продолжи да владееш. Твоето време помина, сега е време на граѓаните, оние кои заедно, рамо до рамо, ќе ти се спротистават и ќе одлучат дека заедно е време на промени, промена од тебе и твоите политики што донесоа непроценливи штети за секоја пора од општеството.
Слушам некои велат дека ти си бил татко на вмро, татко на нацијата. Не, ти си од оние очуви кои не ги сакаат туѓите деца затоа што не се негови, а ги фаворизираат само своите. Ти да беше цртан филм, ќе беше маќеата на Пепелашка. Тоа си ти. Но како што е и приказната, така и Пепелашка ќе ги дочека своите 5 минути и судбината ќе и излезе во пресрет, а тебе и твојата омраза ќе те однесе и ќе те врати таму каде што припаѓаш – во историјата како човек што ги направи најголемите поделби на народот од самото постоење на Македонија.
Помири се, од судбината не се бега затоа што таа сама си ја кроиме. Ти си минато свршено време. Сите тоа веќе го знаеме.