Груевски: „Телепатски комуницирам“ со терористите од Диво Насеље и со функционери од СДСМ кои ги наведувам да трескаат глупости

by fokus

Осудениот екс премиер, Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, во интервју за „Република“ открива нови детали во врска вооружената престрелка во кумановско Диво Насеље која се случи во 2015 година. Тој вели дека добил разузнувачки информации за целите и мотивите за нападот.

За осудените тој вели дека пред да ја преминат границата и да влезат во Македонија, некои од нив се обидувале да извршат рекет и изнуда на пари од висок албански политичар и партија. Груевски не кажува за кого станува збор.

-Првиот момент кога испратија сигнали за предавање, им беше овозможено. Но, токму тогаш тие покажаа дека се кукавици. Според информациите, тие направија кукавички чекор што побараа можност сите да се предадат, полицијата се согласи, извадија бело знаме, излегоа со кренати раце, за кога полицијата која им даде шанса за живот, излезе од барикадите за да ги прифати, одзади некој од нивната група уби неколку полицајци. Тоа потег не е баш витешки, како што сакаат да се прикажат некои од нив. Но и покрај тоа, кога по неколку часа и преостанатите побараа можност да се предадат и покрај кукавичкото чин при првото предавање, полицијата повторно им даде шанса да живеат и да бидат изведени пред суд. Ако полицијата сакала да ги ликвидира, можела да не го прифати апелот за предавање, особено вториот пат после подмолното убивање од заседа – тврди Груевски.

За инцидентот во затворот во Шуто Оризари, каде беа повредени поранешните министри, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, тој вели дека зад него стои власта. Груевски се сомнева дека малку фалело за двајцата поранешни функционери да бидат ликвидирани

-Во ситуација на пад на рејтингот на СДСМ и меѓу овие нивни гласачи, а голем дел од нив и членови на партијата, веројатно се обидоа да ги задоволат. Воопшто не биле загрижени за последиците. Тоа е одлика на психопати. Човек кој нема чувство за болката на другиот е основната дефиниција за психопат – тврди Груевски.

Тој потоа испраќа индиректни закани кон премиерот, Зоран Заев, порачувајќи му дека тркалото се врти.

-Траумата и врз нив но и врз сите нас од ВМРО и пошироко ќе остави последици и еден ден може да резултира со нови трауми, но насочени кон нарачателите на оваа со ништо незаслужена казна и криминално однесување на власта. Во политиката тркалото се врти. Исто како и во животот. Не знам што планира Заев потоа, но не би сакал да сум во негова кожа. Тој засега нема акции против терористи од кои ќе ја брани државата бидејќи стана нивни миленик, но голем дел од Македонците долго ќе се сеќаваат на ова време кое колку и на почетокот кога ги нарековме „хунта“ да звучеше за некои луѓе нереално, како што минува времето, луѓето од власта, некако како од петни жили да се борат да ја оправдаат таа квалификација – порачува тој.

На обвинувањата од СДСМ дека тој го режирал инцидентот во затворот за да се оправда неговото барање за азил поради опасносност по неговиот живот, Груевски одговара саркастично.

-„Телепатски комуницирам и се договарам“, со терористите од Диво Насеље. И не само со нив. И со оние „ИСИС терористи“, за кои пред некој ден го преплашија народот дека ќе го кренеле Скопје во воздух. И нив ги имам „на линија“. „Развив телепатски и други парапсихолошки способности“ за разговор со затвореници и други слични на нив на далечина од 800 км. Сепак, засега најголеми успеси имам во наведување на функционерите на СДСМ да трескаат глупости на ангро секој ден и „живи да останат“ – додава тој.

Поврзани новости