Поранешниот премиер, а сега азилант во Унгарија, Никола Груевски иако вчера најави дека го напишал последниот статус за „Плацеви на Водно“, сепак не издржа и денеска напиша нов Фејсбук статус по пресудата.
Тој напиша дека Македонија живее време на политички мотивирани судења против политички неистомисленици на власта, полошо од периодот на 1949 година.
-Исто како и тогаш: во име на народот. Една модерна инквизиција во која жртвата пред судењето да почне е веќе осудена и неформално е договорена и висината на казната помеѓу спрегата власт-опозиција-судство. Само политиката има сила да го смени тоа, бидејќи таа го создава.
Време во кое судиите за да не си направат личен проблем за себе, во ваквите процеси не судат по закон и со реални докази, туку прифаќаат изјави на уценети сведоци од обвинителството и власта кои се темелат на претпоставки, па така и ги именуваат (самите тие сведоци не кријат дека кажуваат претпоставки) и како тежок преседан се прифаќаат како неспорни докази лажни искази на обвинети на кои во истиот и/или во други предмети кои ги води истиот обвинител им се заканува сериозна казна, па за да се спасат од прогонот подготвени се на се. Тие лица исказите и одбраната ја менуваат од час во час, особено одкако ќе ги стават во притвор кој во Македонија е инструмент за тортура и изнуда на лажни изјави и лажни признанија, пишува Груевски.
Тој додава дека пресудите и висината на казните се одредени уште пред да почне судењето, а другото е „театар” за јавност.
-Ако си политички ставен на острел може да те обвинат и што не си пријавил имот кој не е и никогаш не бил твој и истиот уште и да го запленат заради политичко пропагандни цели, а вистинските негови сопственици да си молчат и уште да се среќни што “извлекле жива глава”, во смисла што незаслужено во една политичка хајка не добиле долгогодишна затворска казна иако често и тие немаат некоја објективна вина за такво нешто да им се случи. Во една таква атмосфера се е можно, смета Груевски.
Тој вели дека власта преку правосудниот систем прави што сака, кому сака нешто запленува и во колкава сака вредност независно од се, кому сака не запленува, зависно од близината со неа.
-Нема критична маса меѓу стручната елита која е спремна да постави логични прашања колку и да гледа беззаконие и апсурдни процеси. Но, ништо не е вечно…
“IL BUON TEMPO VERRA”:
Percy Bysshe Shelley
(Ќе дојде добро време), оптимист е Груевски од Унгарија.