Груевски со навреди кон Заев по снимката на Ел Чека за Мартин Нешковски

by fokus

Осудениот екс премиер, Никола Груевски, кој е во бегство во Будимпешта, објави нов статус каде употребува навреди кон премиерот, Зоран Заев. Груевски го нарекува Заев, нечовек, монструм и инфериорен. Според него Заев манипулирал со јавноста кога ја објавил „бомбата“ за Мартин Нешковски, каде разговараат Груевски и тогашната министерка Гордана Јанкуловска и се договараат како да го амортизираат незадоволството на јавноста по неуспешниот обид да се скрие убиството.

Статусот на Груевски се однесува на последната бомба на Ел Чека каде е објавен разговорот меѓу него и Јанкуловска. СДСМ во проектот „Вистината за Македонија“ објавија извадок од разговорот, во траење од неколку минути, каде двајцата тогашни функционери коментираат дека немаат контрола над специјалните единици и дека ги прикриваат нивните дела, а во еден момент Груевски вели дека „Урко лаже ко циган“.

Наспроти тврдењето на Груевски, новата целовита снимка покажува дека не е интервенирано во извадокот од неколку минути.

„Монтираниот аудио матерјал за убиството на Мартин Нешковски имаше цел да биде најемотивната “бомба” чија “ експлозија” требаше да ги извади луѓето на улица, во шатори пред владата и да предизвика насилни протести со многу повредени полицајци, со цел колкуминација на политичката криза која ја создаде.
Во таа криза ја гледаше својата шанса за доаѓање на власт, бидејќи поинаку беше инфериорен и беше и остана неконкурентен политичар надвор од локалното ниво, по речиси сите критериуми“, пишува Груевски за Заев.

Според него Заев манипулирал со јавноста и со меѓународната заедница, за да ја прикаже, како што вели, тогашната власт во негативно светло.

„Народот го измами со купишта вакви фабрикувани матерјали и измами. Прво монтирани снимки кои создаваат “експлозија од емоции” кај народот, а потоа по доаѓањето на власт нова измама преку притисок и наредба на судиите да ги прифатат овие монтирани снимки како клучни докази и шокантно и без објаснување како никаде во светот, да не прифатат нивно судско вештачење на нивната целовитост и автентичност. Целта повторно монструозна и нечовечка: своите политички конкуренти да ги заглави по судови, притвори, затвори и да бидат уништени во секоја смисла. За да владее по неговиот испробан терк “едно евро за вицето” што подолго. Баш фашистички монструозно. Каков нечовек треба да е некој за вака да ги остварува своите цели?“, напиша Груевски.

Поврзани новости