Поранешниот премиер Никола Груевски денес успеа да ги избегне новинарските прашања пред Кривичниот суд, со проверената финта која што пред два дена ја искористи поранешниот хрватски премиер, Иво Санадер, со новинарите пред судот во Загреб.
Имено, денес Груевски со мобилниот на уво, со брзање ги одмина насобраните новинарски екипи кои го чекаа пред судската зграда. На ист начин и обвинетиот Санадер, со телефон на уво, ги ,,откачи” хрватските новинари пред два дена, кога беше осуден на две и пол години затворска казна, за аферата Хипо.
Сепак, снаодливите фоторепортери пред судот во Загреб успеале да го фотографираат екранот на неговиот мобилен телефон, на кој се гледаат само иконите, и очигледно дека нема повик, туку Санадер само глумел пред новинарите дека разговара со некого, со цел да ги одбегне непријатните прашања. Поради тоа, тамошните медиуми го нарекоа првак во снаодливост.
Груевски пак, при влегувањето во судот, го покрил мобилниот со рака, така да не може да се види екранот, односно дали навистина разговара или пак лажира повик, во стилот на неговиот хрватски колега. Финтата со лажирање, или пак намерно разговарање на мобилен телефон, со цел да се избегне непријатна средба или разговор, не е ништо ново, но во случајов со политичарите се покажа како доста ефикасна, како оправдание да се одминат новинарите.
Денес во кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за предметот на СЈО „Титаник“, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Вики Клинчарова
ФОТО: Макфакс