Екс-репмиерот во бегство, Никола Груевски, преку својот Фејсбук профил го честиташе потпишувањето на Протоколот за членство на Македонија во НАТО.
„Нова парадигма. За името.
(Го честитам денешното потпишување на протоколот за НАТО. Размислувања за нова национална стратегија по новонастанатата ситуацијa со името)
1. Новонастаната ситуација
Досегашната парадигма за постигнување разумен компромис со Грција пропадна. Назначувањето на марионетска влада во Република Македонија го сруши концептот кој бараше правичност, фер договор и разумен компромис. Македонија во спорот за името остапи речиси се. Грција доби речиси се. По оваа новонастаната ситуација, потребна е нова парадигма за името и идентитетот. Таа парадигма ќе биде основата на која по заминувањето на марионетската влада, новата влада и МНР ќе треба да направи нова доктрина.
Текстот е само скромен обид да поттикне размислувања, дебата и можеби да се даде скромен допринос кон новата парадигма за името и идентитетот по операцијата спроведена од марионетската влада. Текстот не е наменет за оние кои читаат само кратки текстови. Има за цел да поттикне размислувања и дебата. Ставовите се мои лични и на никаков начин не треба да се доведуваат во корелација со ставовите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
2. ,,Бинго,, кое јужниот сосед не можеше да го пропушти
Како што очекував, парламентот на нашиот јужен сосед го усвои договорот од Преспа. Настрана дневнополитичките расправии, таму освен власта и опозицијата длабоко интимно знае дека ваква шанса не смеат да пропуштат. Штом измените на Уставот поминаа во нашиот парламент беше јасно дека кај нив договорот ќе помине експресно.
Така, заедно со претходно усвоениот договор по ист принцип, со целосно остапување на се што бараат од страна на источниот сосед, сега имаме ново настаната ситуација. Загубено име, идентитет, историја, култура, интервенции во образованието… Имаме држава, со национални и државни атрибути со кои не се идентификуваме и кои се вештачки наметнати, прифатени спротивно на вољата на народот од страна на марионетска влада. Додатно и ситуација каде лидерот на најголемата опозициска партија кај нашиот јужен сосед кој наскоро се очекува да стане Премиер, отворено највува нови блокади на патот кон ЕУ со нови условувања по идентитетските прашања.
3. Загубена една битка во борбата за македонското прашање-историска паралела
Многумина се очајни деновиве. И како што е редот по поразот секогаш следува кавга, се бараат виновници, нови поделби, обвинувања, нови закрвувања не само на ниво марионетска влада-сили на отпорот, туку и внатре помеѓу силите на отпорот против оваа операција.
Со обзир дека двата договора, како оној со Бугарија, така и овој со Грција имаат длабока историска основа, за почеток треба на кратко работите да ги погледнеме низ една историска -диоптрија.
Многу македонци се очајни. Со горко чуство и чуство дека се што досега се правеше е попусто, и дека сите после овој договор сме губитничка генерација. Дали е така?
Ако се гледа само низ призмата на дневна основа, така е. Ако се гледа низ историска перспектива, ова е само една загубена битка од долгата борба за затворање на македонското прашање во полза на македонците. Да, значајна битка која многу боли. Со големи последици и која не става во многу потешка состојба во понатамошната борба за затворање на македонското национално прашање во полза на македонците.
Така на пример, краткорочно гледано, некој можел во 30-тите години на минатиот век да каже и дека борците и идеолозите на историското ВМРО биле губитничка генерација затоа што во тоа време не успеале да создадат автономна или независна Македонија, кон што се стремеле.
Сепак историски гледано тоа не е така. Нивната 41 годишна борба е основата, темелот на која започнува народносолободителната борба (НОБ). Нивната четиридецениска борба, херојство и жртва која на моменти наликува како да е производ на филмско сценарио а не на нешто што реално се случувало, создава една таква тензија, една толку силна тензија, која неможе да заврши никако поинаку освен со државност. Борците во НОБ бараа континуитет со именување на партизанксите единици во Македонија со имињата на револуционери и војводи на ВМРО, кој најчесто ги нарекуваат ,,илинденските борци,,. Таа 41 годишна битка е една од причините и основа на која меѓудругото Тито подоцна одлучува да ни даде статус на држава во новата југословенска федерација, за да не се соочи и неговиот режим со отпор како претходно кралството СХС/Југославија помеѓу двете светски војни, како и претходно. Тоа не е единствената причина за неговата одлука, но е многу значајна причина.
Целта на историското ВМРО беше создавање држава Македонија, која во различни прилики различно ја нарекуваат: автономија, независност, обединета Македонија како дел, федерална единка од југословенска или јужнословенска федерација и повеќе други идеи за форми за доаѓање до целта. Во некои советски историско архивски извори поврзани со нивно следење на состојбите во Македонија, се тврди дека во тоа време на Балканот кога се говорело за автономија, се сметало на независност.
Нашата цел денес, покрај нејзиното задржување и развој, е битката за нашето име, македонскиот идентитет, историјата, културата, интервенциите во образованието… Се разбира паралелно на тоа и економски посилна држава, членка на НАТО и ЕУ, функционална демократија и владеење на правото.
Ние, оваа генерација, поставивме добри основи за тоа. За името и за идентитетот. Како и за другите споменати работи. Тоа што го направивме а поврзано со името, идентитетот, историјата итн, тргнува пред се од сериозното подигнување на свеста кај секој поединец во Македонија. Таа свест ќе бидат потребни децении многу работа некој да ја промени. Стотици други чекори ,,ја бетонираа,, таа свест, која постоеше, но во последните децении растеше и се зацврстуваше. Преку подржани многу напишани и издадени книги и научни истражувања во областите поврзани со нашиот идентитет, јазик, историја, државност, име и слично.
Преку снимени играни и документарни филмови за македонската историја и идентитет. Преку поставени голем број споменици и спомен обележја, изградени и именувани објекти, организирани настани за паметење, голем број одбележувања, одлуки на влади, парламенти, институции, референдуми. Преку продолжување и зајакнување на разни, домашни и меѓународни настани и комуникации, кутурни и етнички обичаи и традици, афирмирање преку кампањи за македонски туризам и можности за инвестиции на медиуми кои се гледаат во целиот свет, спортски успеси, настапи на индивидуалци во ООН, ЕУ,НАТО, во други држави, насекаде… и.т.н.
Сето ова и многу повеќе кое не го споменав ќе биде основа за следната политичка и дипломатска битка. По влегувањето во НАТО и ЕУ да се корегираат нештата, а дотогаш да се подготвуваме за тој момент. И да се затвори македонското прашање, без бесмислени и вештачки наметнати забрани на идентитетските придабвки ,,македонски,, или ,,македонско,, или ,,македонска,,. Без тие да бидат институционално забранети и недозволени, без забраната истото да важи само за државјанство, и без сите понижувања и неправди вметнати во договорот од Преспа. Без ,,кумови и сватови,, однадвор.Без уцени, притвори на пратеници, обвиненија и прогони.
И да ја завршам историската паралела. ВМРО, која во тие години значеше борба за Македонија, во 1934 година беше растурена и уништена од бугарската влада под надворешен притисок, заради нејзината борба за ослободување на Македонија во нејзините три геогравски дела. И во тие 41 година најголемиот проблем на ВМРО беше што неуспеа да обезбеди доволно силна меѓународна подршка за проектот за независност или барем автономија на Македонија, ако воопшто и можеше да се обезбеди имајки во обзир дека тогаш ВМРО претендираше на територии на поделената Македонија по букурешкиот договор во 1913. Територии кои тогаш беа на Грција и Србија, земји кои уште пред активирањето на ВМРО беа сојузници на големите сили во тоа време како Англија, Франција па и Русија, заради што ВМРО немаше избор. Таа беше во ситуација да се најде на страната на оние кои ја загубија првата светска војна бидејки пред да завземе страна, ВМРО само од Германија и Австро-унгарија доби ветување за независност доколку застане на нивна страна во војната. Таквото ветување неможеше да го даде другата страна каде беа Франција и Англија, бидејки нивни сојузници веќе подолго време беа Грција и Србија.
Можете да замислите низ тие 41 година колку човечки животи се положија за идејата за независност, која во еден историски миг заврши со уништување на ВМРО во 1934. Сличен таков обид имаше од бугарската земјоделска влада на Стамболиски во раните 20ти години на минатиот век, кога се водеше вистинска војна меѓу ВМРО предводена од Тодор Александров од една страна и бугарската влада од друга страна, во време кога Александров и Србија и Грција го бараат со потерница и јавно ветена висока парична награда за неговата глава.
Дури за борба против четите на ВМРО во Бугарија во тој период беше формирана специјална т.н. Портокалова гарда составена од обучени војници за борба против комитите. Слични такви единици, покрај регуларните воено полициски сили имаше и во вардарска и во егејска Макеоднија. Тој обид пропадна со воениот удар во Бугарија на 9ти јуни 1923 година на кој подоцна се приклучи и ВМРО испраќајки ја четата на скопскиот војвода Величко Вељанов Чичето кој свирепо го ликвидира бугарскиот премиер, а претходно во 1921 година и министерот за внтрешни работи.
Но, во 1934 бугарската влада успеа во она во кое неуспеа 10тина години претходно. Потоа по 1934 се апсеа, судеа и интернираа војводи и дејци на ВМРО од страна на властите во Бугарија. Последниот претседател на историската ВМРО Ванчо Михајлов чие 10 годишно водење организацијата има многу контраверзности беше осуден на смртна казна во Бугарија, пресуда која никогаш не му е укината.
Со оваа историска паралела, без намера да ја минимизирам штетата од дејствувњето и одлуките на оваа марионетска влада, потсетувам дека оваа изгубена битка со промената на уставот, е само дел од 140 годишната борба на македонскиот народ, од мноштво порази и победи, падови и подеми, крвави битки за собода, херојства и предаства, но и меѓусебни внатрешни несогласувања и конфронтации, кои некогаш беа за создавање своја држава, денес и во иднина се разбира со политички и дипломатски средства за своето име, идентитет, и наметнати договори за промена на историјата, културата, образовните програми…За послина економија, демократија и владеење на правото, за членство во НАТО и ЕУ. Се додека има македонци, и цврста национална свест, таа борба ќе продолжи до конечното затворање на македонското прашање, но правично затворање, во корист на македонците и основното човеково право за самоопределување.
4. Идејата за референдум за името, и резултатотот од референдумот, клучна основа за натамошната борба
Клучната работа во овој период е веќе направена. Марионетската влада не доби подршка од граѓаните на референдум. Тоа треба да биде темелот, основата на која ќе се гради новата парадигма за името.
Кога во 2005 година ја осмислив и на мајската годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ во преполната универзална сала ја промовирав идејата за референдум за името, ја замислував да биде токму тоа и што е денес: брана од уценти, поткупени, марионетски или со еден збор од било каков вид неодговорни политичари и таква влада.
Или брана која ќе спречи, или брана која ако неможе да спречи неправедно решение, тогаш барем ќе биде основа за да се ,,лечи,, она што ќе биде ,,оштетено,, во еден ,,напад,, каков што доживеавме сега. Во овој случај, потег кој во најмала рака нема да им даде легитимитет за неодговрорниот чекор, од каде пак ќе почне да се гради новата парадигма за враќање на насила одземеното, а сето тоа да има легитимитет. Ќе беше уште потриумфално, можеби и со подобри ефекти на краток рок, доколку наместо стратегија ,,бојкот,, се одеше и се победеше со стратегија ,,против,, за што сум уверен дека со навремено отпочната силна и интензивна кампања, уште од крајот на пролета 2018та, и со 10тина набљудувачи на секое гласачко место, ќе донесеше грандиозна победа на ,,против,, наспроти ,,за,,.
Мотивите за овој став, секако беа различни од мотивите на сите оние кои ја охрабруваа опозицијата да не бојкотира туку да гласа ,,против,,. Повеќето од тие препораки беа мотивирани со цел да победи ,,за,, и да успее референдумот. Мојот мотив и убеденост беше да победи ,,против,, на прашњето за договорот од Преспа во таква форма и со таква содржина, но одкако видов дека се дозволи идејата за бојкот многу брзо и непречено да завземе такви големи размери, веќе беше ризично со повик за гласање ,,против,, да се дели македонското национално ,,ткиво,, а во корист на намерите на марионетската власт и начинот на кој таа ја вршеше целата операција.
Но тоа е зад нас, и сега не вреди да се губи врмето за тоа, кога и онака стратегијата која се одбра го дава минимумот на очекуваниот ефект како основа на ,,новата парадигма за името,,.
Следеа многу критики после лансираната идеја за референдум за името во мај 2005тата. Најпрвин од политичките противници, неретко и од истомислениците пред се заради страв да не се фалсификува тој референум. Тогаш говорев, дека референдумот е потребен во случај некоја влада во иднина да постигне некаков договор за кој таа смета дека е добар. Или некој така ќе и каже да смета. Таквата одлука, тој договор, за толку значајно прашање да не ја донесат грст политичари во владата или парламентот туку да се овозможи народот да одлучи по ова толку важно прашање за него и за државата. Ако мнозинството народ не се согласи, па дури и владата да го донесе на сила, тогаш нема да има одржливо решение. Нема легитимна одлука.
Со тек на време, колку и опонентите да го критикуваа и негираа предлогот за евентуална промена на името да одлучува народот на референдум, живеејки и работејки во демократско општество и издигната свест на граѓаните, во време кога во ЕУ кон која се стремиме за вака важни прашања како и за помалку важни, секогаш има референдум на кој граѓаните, народот од тие земји се изјаснуваат и политичарите го следат тоа, политичките опоненти од СДСМ неможеа да се справат со силата на аргументите и го прифатија предлогот, ,,се навлекоа,, на таа идеја, а за оние од нив кои имале нечесни намери, би рекол на таа ,,стапица,,.
Често на народните собири знаев да образложам дека секогаш е многу полесно да се уценат или поткупат 20 или 200 политичари, министри, пратеници, лидери на партии…, одколку целиот народ или половина од него…и дека затоа за ова толку важно прашање мора да дозволиме идејата за решение на проблемот од политичарите да биде потврдена или непотврдена/отфрлена од граѓаните на земјата. Некријам дека се чуствувам горд за тој стратешки потег со лансирањето на идејата за референдум за името, во тоа време. А еве и зошто.
Денес и во иднина, најсилниот аргумент е токму тоа, дека идејата и предлогот на политичарите од власта не ја доби потврдата од народот. Тоа е најсилниот аргумент за понатаму. Најсилниот аргумент за продолжување на 140 годишната битка за македонското национално прашање. Најсилниот аргумент ова прашање да се успее да се држи отворено, за еден ден да се затвори, но во полза на Македонија.
Се што насила е направено, спротивно на вољата на мнозинството народ еден ден ќе се врати. Главна појдовна основа, темел, доказ и аргумент е немањето подршка на одлуката на марионетската власт на референдумот за името дури и со такво прашање кое беше непријатно поставено за граѓаните чии најголем дел сакаат да ја видат земјата во НАТО и ЕУ.
Тоа е појдовната сила, главниот повод и крунскиот доказ за во иднина како нација и држава, да имаме легитимитет за борбата за корекција на неправдата од ова време. Неправда чие спроведување успеа само затоа што беше ставено во геостратешки пакет на евроатлантските интеграции на земјата, чија потреба е неспорна, но цената за мнозинството македонци неприфатива.
Тој легитимитет од референдумот македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија сега го имаат во ,,џеб,,. Токму упорното 13 годишно туркање на идејата за референдум ќе ни помогне кога е најтешко. Во случајот, необезбедувањето доволна подршка на референдум, колку и тие да го нарекуваат консултативен, ваков или онаков, покажа дека народот не ја даде потребаната подршка, што значи нема мнозинство кое верува дека предлогот на владата и мнозинството во парламентот е добар.
Тоа што изостанаа масовни протести од незадоволните граѓани, кои веројатно ќе дадеа само многу пореална ,,визуелизација,, на незадоволството јасно е зошто се случи. Заради репресивните методи кои власта превентивно ги превзема со стотици ако не веќе и илјадници кривични пријави, апсења, затворања, судски процеси, политички прогони, закани, отпуштања или уназадувања од работа, запирања автобуси тргнати на протести, итн. Но, и без таа слика, и без таа ,,визуелизација,, легитимитетот на понатамошната борба е веќе ,,заверен,, на 30 септември 2018.
Власта со репресивни и недемократски методи обезбеди гласови на 2/3 пратеници. Таа го има тоа а народот ,,заверката во џеб,, преку понатамошна борба и во следната историска шанса да ја исправи нанесената неправда.
5. Следни чекори. Консолидација и подготовка за продолжување на борбата. Членство во НАТО и ЕУ.
Во една таква новонастаната сотојба, со веќе изгласани измени на уставот, со сите незаконски и противуставни постапки, тргнувајки од противуставното назначување претседател на Собрание, преку репресивното втерување страв кај народот и елиминирање на дел од авторитетите во десниот блок преку фабрикувани судски процеси, прогони и апсења, по гласањето во парламентот, народот треба да се подготвува за продолжување на 140 годишната политичка борба за затворање на македонското национално прашање онака како што заслужуваме, а во следната историска шанса.
Претходно, пред чинот на враќање на насила одземеното, треба да се искористи она што е позитивно за Македонија од овој дивјачки донесен договор и сменет устав, име и идентитет.
Тоа во прв ред е членството во НАТО и во ЕУ, каде што е нашето место во оваа ера.
Не е тајна дека низ целото мое работење во политиката, од почетокот до денес, сум отворен поборник на членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Разликата со СДСМ е што несакав тоа да се случи на ваков начин, со ваков понижувачки и штетен договор, со целосно предавање на тешко и крваво стекнатото, па потоа со години да се бориме да ја поправаме штетата со сите ризици во таа намера. Но, надвор од тоа, сметав и сеуште сметам, дека местото на Република Македонија недвослмислено е во НАТО и ЕУ. Тоа што платена пропагнда се трудеше да направи друга слика заради други цели, е друга работа.
Кога веќе насила и противуставно ни го направија ова со името, со идентитетот и историјата, кога веќе тоа станува насила и против вољата на народот станува реалност, треба да се искористи таа ситуацијата и ден порано земјата да стане членка на НАТО и да ги започне и што побрзо да ги заврши преговорите за полноправно членство во ЕУ.
Тоа е период од 18 месеци за НАТО, а за ЕУ можеби од 6 до 8 години од сега, зависно од повеќе фактори. Доколку нема предвремени парламентарни избори, до 2020 членството во НАТО ќе биде реализирано, а се надевам и барем 20-30 осто од потребните реформи и поминати преговори за членството во ЕУ. По промената на марионетската влада, процесот со зачленувањето во ЕУ треба да се доврши без создавање ризици.
Желбите на многумина да го променат овој договор пред влезот во НАТО и ЕУ, ми е сосема разбирлива, но колку и да се искрени, од искуство знам тие желби се тешко остварливи, имајки ја во обзир позицијата на Грција по овој потпишан договор во Преспа и истовремено имајки ги во обзир механизмите за блокада на членството во ЕУ, за кои деновиве опозицискиот лидер кај нашиот јужен сосед толку жолчно раскажува. Следните 6-8 години треба да сме многу внимателни, да не останеме и без име и без ЕУ. Кога веќе сме доведени во ваква тешка ситуација од оваа марионетска власт, кога веќе го изгубивме името и националноста, треба прво ЕУ па по добро подготвен терен и обезбедени сојузници корекција на настаната штета, што воопшто нема да биде лесна операција.НАТО не го спомнувам бидејки членството треба да се случи веќе следната година“, напиша Груевски на својот профил.