Во својот долг напис, кој е само прв дел од уште подолга анализа, осудениот екс премиер, Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, се осврнува и на референдумот за името. Овој пат тој изнесува поинаков став од оној на партијата предводена од неговиот наследник, Христијан Мицкоски. Според Груевски, подобро ќе било партијата да повика на референдумот да се гласа „против“.
„Ќе беше уште потриумфално, можеби и со подобри ефекти на краток рок, доколку наместо стратегија „бојкот“ се одеше и се победеше со стратегија „против“ за што сум уверен дека со навремено отпочната силна и интензивна кампања, уште од крајот на пролета 2018-та, и со 10-тина набљудувачи на секое гласачко место, ќе донесеше грандиозна победа на „против“ наспроти „за“. Мојот мотив и убеденост беше да победи „против“ на прашањето за договорот од Преспа во таква форма и со таква содржина, но откако видов дека се дозволи идејата за бојкот многу брзо и непречено да заземе такви големи размери, веќе беше ризично со повик за гласање „против“ да се дели македонското национално „ткиво“, а во корист на намерите на марионетската власт и начинот на кој таа ја вршеше целата операција“, пишува Груевски.
Павле Богојески, кој беше жестоко нападнат од своите сопратијци во ВМРО-ДПМНЕ, затоа што се залагаше против бојкот на референдумот, по овој повод прашува кој е сега предавникот.
„Груевски – реформатор?!? ?
И гласот “против” е глас за Македонија! – сега Ви текна?!?
Кој е сега предавникот?!?
Каде сте патриоти, кај отидовте?!?
Не за Вас, ами од Вас плаче Македонија!!!“, напиша Богојески на својот фејсбук профил.
Инаку, Груевски понатаму во написот вели дека тој ја осмислил идејата за референдумот во 2005 година и дека ја претставил на годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ. Тој додава дека продолжува 140-годишната, како што вели, борба за македонското национално прашање и дека „народот ќе ја има следната историска шанса да ја исправи нанесената неправда.“