Груевски, сепак, би се коцкал со „националните интереси”

by fokus

Сите можни рокови се пробија, а новата влада не е ниту на повидок. Локалните избори се одлагаат, бидејќи ниту една партија не го свика Собранието за да се распишат. Извршната власт е блокирана од страна на претседателот на земјата, Ѓорге Иванов кој одбива да го додели мандатот за состав на влада од новата коалиција, која со 67 пратенички потписи има мнозинство во парламентот.

И покрај секојдневните апели од меѓународната заедница Иванов да го почитува Уставот и да не ја блокира новата влада, претседателот не го дава мандатот, повикувајќи се на, како што ја нарекуваат од неговата партија, „тиранска платформа” на албанските партии, а прифатена од СДСМ.

Претседателот со иста реторика како и неговиот лидер, Никола Грувски, тврдат дека со албанската платформа ќе се нарушел суверенитетот на државата, ќе доведела до федерализација и кантонизација на државата.

Вакво нешто за Груевски е неприфатливо, па тој отворено во етер за време на ударни вести, ги повика неговите приврзаници да се мобилизираат, или како што рече, да не седат дома во папучи, ами да излезат на улица да ја бранат државата од Албанците. Тие пак, сега, секој ден маршираат низ Скопје, пеат патриотски песни, извикуваат националистички пораки и ја чуваат Македонија од „тиранинот”.

Нивниот лидер пак, жеден за власт, во меѓувреме отворено ги става на коцка „националните интереси” кои неговите следбеници, како што велат, „би ги бранеле со сите средства ако треба”. Груевски на последните средби со дипломатите бара нови избори, на кои однапред би била понудена албанската платформа. Значи „Бранителот на државните интереси”, сепак би ризикувал пораз и прифаќање на „опасната платформа”.

Лидерот на ДПМНЕ со вакви барања пак, излезе откако не успеа да се договори за уште една коалиција со неговиот десетгодишен партнер Али Ахмети. За апсурдот да е уште поголем, од ДУИ презентирајќи детали од платформата, открија дека Груевски, во преговорите, ги прифатил скоро сите нивни барања, меѓу кои и двојазичност, против чие воведувања сега сам се нуди да оди во затвор.

Ирена Каревска 

Поврзани новости