Доколу баш денеска екс премиерот Никола Груевски реши да се врати во земјава, тој нема да влезе во затвор за да ја одлежи двегодишната затворска казна за салучајот ,,Тенк”, набавката на луксузниот ,,мерцедес”, бидејќи извршувањето на казната застари токму на овој ден.
Но сепак ова не значи дека бегалецот Груевски ги пакува куферите за да се врати дома по 6-годишното бегство од државата, бидејќи има уште една голема пречка на патот, и уште три помали.
Но, како поминуваа годините, така и пречките се намалуваа за неговиот камбек. Од првични девет случаи, колку што беа наведени во барањето за екстрадиција од Унгарија, сега се значително намалени.
Најголемата мака што му е надвисната, е 9-годишната затворска казна за неговиот таен имот, во случајот „Плацеви на Водно“. За овој предмет, времето не му е сојузник, бидејќи извршувањето на казната застарува дури во 2033 година.
Не може да бара помош „повикај пријател“ ниту во судовите, бидејќи и последниот филтер, Врховниот суд, му ја забетонира казната.
Единствениот спас, на кој може да се надева, е да добие помилување од претседатката Гордана Сиљановска Давкова.
За камбек на Груеваки помала пречка е и судскиот процес за „Организаторите на 27 април“, каде што е еден од обвинетите. За него постапката е запрена, но би му се судело веднаш штом стапне на македонско тло. Во меѓувреме, и за овој случај се бара излезно решение.
Тука спасот на Груевски и на останатите обвинети може да им го даде Апелација, доколку го прифати барањето дека и за нив важи амнестијата. Имено, судењето почна од почеток по вторпат, откако Апелација ја укина првостепената пресуда. Меѓу причините за укинување на оваа пресуда, Апелација наведе и дека првостепениот суд ги занемарил приговорите на обвинетите кога барале амнестија според Законот што беше донесен во Собранието, а кој беше првенствено донесен за спас на обвинетите пратеници.
Поточно, повторно се отвори прашањето за селективната амнестија. За Кривичниот суд немаше дилема дека амнестијата не важи за обвинетите организатори на крвавиот четврток, но Апелација забележа дека не се посветиле доволно на прашањето.
Но, наместо самите да го решат ова важно прашање, тие жешкиот костен повторно го префрлија во рацете на колегите од Кривичниот суд.
Сега, додека е во тек повтореното судење, судечкиот судија ќе мора и по третпат да се изјасни по ова прашање. Доколку остане на истиот став, апелациските судии ќе мора да донесат одлука.
Односно, тие да решат дали ќе ја оживеат амнестијата за овие обвинети и тука за нив да заврши кривичниот прогон.
Пред Груевски се исправени и судењата за ,,Талир” и ,,Талир 2″, но и таму е на пола пат да го најде спасот, бидејќи едниот е пред Апелција, а другиот пред Врховниот суд.
Груевски во 2018 година, откако претходно си ги испразни банкарските сметки со 120.000 евра, избега од Македонија. Се пресели во Будимпешта, Унгарија и таму стана бизнисмен.
Валентина Вурмо