Експремиерот Никола Груевски, преку адвокатот Никола Додевски го известил Граѓанскиот суд дека се откажуваат од тужбеното барање за паричен надомест за нанесена нематеријална штета за повреда на угледот во случајот „Македонска банка“, пренесува Макфакс.
Ова следува откако поранешниот лидер на опозицијата, Зоран Заев, беше осуден на парична казна од 50 илјади евра за клевета и навреда на тогашниот премиер Груевски. Предметот го судеше судијката Весна Калковска.
Од Основниот суд Скопје 2 за Макфакс велат: „Ве известуваме дека во повторена постапка пред овој Суд, а пред Судот да се впушти во расправање, тужителот преку својот полномошник со поднесок го извести судот дека се одрекува од тужбеното барање за паричен надомест на нематеријална штета за повреда, а личните права на честа и угледот“. Апелациониот суд потврди дека Груевски е наклеветен, но побара да се повтори постапката за висината на изречената казна и повторно да се преиспита колку тежи душевната болка на поранешниот премиер. Никола Додевски, адвокатот на одбраната не одговараше на пораките за информации околу предметот.
Во меѓувреме, тужбата за клевета на Груевски против Заев за „Македонска банка“ стигна до Врховен.