Овој суд прераснува во театар на апсурдот, изјави поранешниот премиер, Никола Груевски, по денешното рочиште во случајот „Насилство во Општина Центар“. Тој ги обвини судиите дека работат по партиски директиви и рече дека да се почитувале законите немало да има никакво судење.
-Немаше ни да има обвинувања да се работеше според закон. Но ако имате заробено судство се е можно. Секој ден се соочуваме со нови неправди и се повеќе се чувствуваме како во едно од врвните дела посветени на апасурдот Процесот Кафка – рече Груевски мислејќи на „Процес“ на Франц Кафка.
Тој ги искритикува обвинителите на СЈО дека побарале притвор за обвинетиот кој денеска не се појавил на судење.
-Денеска да речеме имаше еден од обвинетите кој е болен и кој достави лекарско уверение, издадено боледување од матичен лекар дека треба да мирува. И за него замислете обвинителот побара притвор затоа што е болен, значи тој треба да лежи притвор затоа што се разболел. Судијата не одреди, но самиот факт што обвинителите се дрзнаа да побараат укажува на забеганоста на ова јавно обвинителство – посочи тој.
Груевски се пожали и затоа што вчерашното рочиште траело и после работното време.
-Да речеме вчера, судијата одлучи да го продолжи процесот вон работното време. За мене не е проблем да останам колку треба, сум работел но доколку тоа е за сите. За никого друг не се останува после работно време, дури ни за најголеми убијци и терористи. Судењата завршуваат околу 15 часот, само во случаите каде сум јас имам пролонгирање додека судијката не ја заврши замислената обврска. Се поапсусрдно станува целава работа поврзано со СЈО и судството. Очигледно е дека судиите имаа политичка агенда – рече тој.