Владата на СДСМ има план на постепено зголемување на даноците и придонесите, за што ја имаат известено Светската Банка уште во првите недели откако влегоа во владата преку министерот за финасии Драган Тевдовски, напиша поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на неговиот фејсбук профил.
„Во предизборниот период срамежливо и речиси неприметно говореа дека ќе се воведе прогресивен персонален данок на доход и дека за посиромашните ќе се намалел данокот, а за побогатите ќе се зголемел. Дури и објавуваа некакви бројки од типот од 10 на 9 за оние со помали приходи, и од 10 на 11 за оние со поголеми приходи. И толку. Чиниш незначителна и симболична промена. Но, по изборите нова песна. Таа старата песна беше за гласачите да им дадат гласови, а новата, за гласачите да им дадат пари, одкако веќе ги добија гласовите. Па така, изненадно и пред избори ненајавено најпрвин ги зголемија акцизите на нафтата, со што поскапе превозот, но и производството кое функционира на нафта. Тоа не ни го кажаа пред изборите. Нормално, не се извинија за тоа, туку ја набедија старата влада, како и за се друго кога носат непопуларни мерки. Сега, дојде на ред персоналниот данок на доход. Ама не од 10 на 11 и од 10 на 9, туку од 10 на 18 за оние со плата над илјада евра“, напиша Груевски.
Според него, по некое време по ова зголемување на персоналниот данок, ќе следува дел по дел и зголемување на данокот на добивка, придонесот за пензиско, придонесот за здравство, а можеби и ДДВ-то, акцизите и царините.
„Чекор по чекор ќе се одземаат пари од платите на вработените и ќе се
ставаат во Буџетот. Повеќе пари во Буџетот, помала плата за тој што земал над 60 илјади денари плата. Освен ако сопственикот на фирмата не му ја зголеми плататa, тој што земал 60 илјади, во иднина ќе зема околу (грубо кажано) 55.200 денари само по основ на зголемување на персоналниот данок од 10 на 18 отсто. Остатокот од платата ќе оди кај Заев и Тевдовски во Буџетот. На здравје бричење и пострижување. Тоа што можеби истиот човек на база на сознанието дека има плата од 60 илјади денари, земал кредити за стан или за нешто друго, на кои можеби му оди повеќе од пола плата на рати и камати, нека му ја мисли тој. Дојде живот. Потоа ќе земат пари и од компаниите, од нивната добивка“, вели тој.
Груевски додава дека со десничарска даночна филозофија, според која повеќе пари треба да се остават во стопанството бидејќи владата е лош стопанственик, преотходната влада на ВМРО-ДПМНЕ ја намали невработеноста опадна од 38,7 во 2005-тата на околу 22 отсто во 2017-тата, период во кој се отвориле 180.000 нови работни места.
„И сето тоа со политиката на најниски даноци на светот и рамни даноци, за кои СДСМ подготвува промени и нивно зголемување. Уште тогаш кажав дека по инерција, невработеноста ќе паѓа уште 2-3 години по нашето заминување од власта, дури и да не дојде ниту една нова фабрика во меѓувреме, како што речиси и недоаѓа. Ова затоа што, оние фабрики кои веќе дојдоа пред година, две или повеќе, имаат зацртано развојни планови за раст и развој на бизнисот, како и раст на вработувањата за следните 2,3, 4 или 5 години. Тие имаат склучено однапред договори за продажба за повеќе години во кои секоја година се предвидени продажби на поголеми количини производи на нивните партнери во странство. Оттука, дури и ниту една нова фабрика да не дојде во Македонија, барем во првите 2-3 години извозот ќе расте и невработеноста ќе опаѓа заради веќе дојдените странски компании со планиран и осигуран развој со продажни договори“, истакна тој.