Груевски работи на полето на економијата и бизнисот во Будимпешта, пишува во неговата биографија на Амазон

by Fokus

Поранешниот премиер Никола Груевски, кој веќе шест години живее како азилант во Будимпешта, Унгарија, таму работел на полето на економијата и бизнисот, објавено е во неговата биографија на страницата на популарната компанија Амазон.

На еден од најпознатите онлајн маркети во светот, Амазон, од пред неколку дена се продава дигитална верзија на англиски јазик на неговата книга ,,Будимпештански записи”, каде покрај цената од 3,81 долар, истакната е и неговата биографија.

Екс премиерот, кој побегна од земјава во ноември 2018 година, за да не лежи затвор за случајот ,,Тенк”, во биографијата е опишан како човек кој бил голем реформатор додека живеел во Македонија.

-Од ноември 2018 година живее и работи на полето на економијата и бизнисот во Будимпешта, Република Унгарија, каде што институциите на оваа земја членка на Европската Унија и НАТО му доделија статус на политички азил поради политички прогон против него од македонските државни органи. Повремено објавува написи на социјалните мрежи поврзани со политика, економија, историја итн…, наведено е во биографијата.

Околу тоа со каков бизнис се занимава Груевски во Унгарија, официјално не се познати многу детали. Пред три години унгарскиот електронски медиум 24ху објави дека тој отворил свој бизнис, ИЦИЦ Кфт компанија која е регистрирана во Пецел, предградие на Будимпешта на 15-ти јули 2021 година и тој е директор и основач на компанијата.

Според пишувањата на унгарскиот портал, главна активност на компанијата е бизнис менаџмент и бизнис консалтинг, но фирмата се занимавала и со продажба на големо на порцелан, стаклени производи и производи за чистење.

Исто така, откако живее во Будимпешта, пред ,,Будимпештански записи” тој напиша и две други книги, во издание на издавачката куќа ,,Ѓурѓа”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости